ЕК: Земјите членки имаат право да имаат построги правила од препораките на ЕМА

Портпаролот задолжен за здравствени прашања во Европската Комисија, Стефан Де Керсмакер, денеска потсети дека здравствените политики во ЕУ се национална надлежност и дека земјите членки имаат право да воведуваат свои правила.

Де Керсмакер истакна дека довербата во вакцините е “екстремно важна“ за да се избегне колебање за вакцинација кај граѓаните и дека Европската агенција за лекови прави сѐ за да врши надзор за безбедноста и ефикасноста на вакцините. Сепак, тој потсети дека секоја земја членка има право да воведува различни правила од тоа што го препорачува ЕМА, како и да преговара за вакцини кои не се дел од стратегијата на Европската Комисија, како што е случај со руската вакцина.

Европската агенција за лекови вчера порача дека иако има поврзаност со тромбозите и вакцината на АстраЗенека, не е забележана разлика помеѓу различните возрасни и родови групи за да се препорача ограничување во вакцинирањето. ЕМА смета дека лекарите треба да бидат добро информирани за можните нус појави, и да биде додадено предупредување во упатството за оваа вакцина.

Тоа не спречи некои земји членки да воведат свои правила за вакцинирањето со АстраЗенека пред сѐ врз основа на возраста.

-ЕМА издава мислења и препораки но вакциналните политики се национална надлежност, земјите членки имаат свои потреби и услови и можат да одлучат да заземат построг пристап од тој што го предлага ЕМА, изјави Де Керсмакер.

Back to top button
Close