Eкипи на „Водовод“ на терен по најавите за поројни дождови
Екипите на Јавното претпријатие „Водовод и канализација – Скопје“ се на терен и работат на проверка и расчистување на сливниците, шахтите и улиците по најавите за поројни врнежи од дожд денеска попладне и во текот на ноќта.
„Екипите на ЈП `Водовод и канализација – Скопје`, во согласност со најавената временска прогноза за врнежи од дожд проследени со ветер, од утрово се на терен и работат на проверка и расчистување на сливниците, каналите и шахтите на главните и споредни улици, како и на критичните места: бул. Киро Глигоров, бул, Александар Македонски, подвозниците Павел Шатев (Бихаќка), Стоковна куќа `Мост` и кај хотелот `Александар палас` – се наведува во соопштението од Јавното претпријатие.
Увид во работните активности, како што се додава, извршил и директорот на претпријатието Драган Илиевски.
Инаку, Илиевски од вчера е нов директор на ЈП „Водовод и канализација – Скопје“, по најновата смена на раководните позиции на неколку скопски јавни претрпријатија од страна на градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска. Тој, на челната позиција во „Водовод“ го замени досегашниот в.д. директор, Марјанчо Митовски.
Илиевски претходно беше в.д. директор на Зоолошката градина. Опозициската СДСМ во Советот на Град Скопје неколку месеци обвинуваше дека тој незаконски е поставен за в.д. директор на Зоолошката градина, бидејќи не бил вработен таму.