Еко Герила: Да не се прават згради кај ШИК Јелак, недостасуваат паркови и рекреативни простори
Невладината организација „Еко Герила“ од Тетово на прес-конференција побара властите да ги запрат сите постапки околу градење нови згради на просторот на поранешниот Шумарско Индустриски Комбинат Јелак.
-Неодамнешните информации во врска со продажбата на „Ш.И.К. Јелак“ во Тетово, заедно со сомнителните околности слушнати во прислушкувањата на контроверзниот српско-црногорски бизнисмен, претставуваат доволна основа за истрага на овој случај и за итно замрзнување на сите понатамошни постапки во урбанизацијата на урбанистичкиот Блок 57А. Општина Тетово на нетранспарентен начин носи контроверзни одлуки за промена на правецот на градот со нови урбанистички планови, каде во отсуство на информации се шпекулира за бројка од околу 8.000 жители, изјави Аријанит Џафери од Еко Герила.
Тие образложуваат дека недозоволиво е во град со премногу инфраструктурни недостатоци да се прават нови згради.
-Во ситуација кога градот нема вода за пиење, водоводна мрежа, канализација, паркиралишта, колективни гаражи, булевари, обиколници, проценуваме дека градот Тетово е многу далеку од инфраструктурниот капацитет за изградба на станбени и трговски комплекси во внатрешноста на градот. Неприфатливо е да се изградат нови 30 станбени згради на влезот на градот, во хаотичен град од сите аспекти, без основни услови, каде што очигледно недостасуваат паркови и рекреативни простори. Треба да и се разјасни на јавноста дали се направени проценки за еколошките последици и движењето на воздухот од овие градби, изјави Аријанит Џафери од Еко Герила.
Според претставниците на Еко Герила на местото на ШИК Јелак порано имало и гробишта и просторот припаѓал на верска заедница.
-Во колективната меморија на граѓаните на Тетово е многу добро познато дека локацијата Шик Јелак беа гробишта и сопственост на вакафот. Имињата на советниците кои тајно гласаа за овој урбанистички план ќе останат лошо запаметени во меморијата на граѓаните. Прашуваме кој ќе купи станови што се градат на место каде што имало гробишта и на имот ограбен од вакафот? Метастазата на урбаната мафија заедно со владејачките политички партии го достигнува својот врв во нашиот град. Обвинителството мора веднаш да започне истраги против Општина Тетово и другите лица вклучени во ова скандалозно пазарење со многу сомнежи и нејаснотии за сите нас. Културата на неказнивост мора да заврши засекогаш, рече Џафери.