Екокриминал без казна: Кога уништувањето на природата не се препознава како кривично дело

Пожар што зад себе остава отровна почва, река што со години носи токсичен отпад или дивa депонија што расте пред очите на институциите – сето ова ретко завршува како кривично дело во македонскиот правосуден систем. Иако последиците директно го загрозуваат здравјето и животот на граѓаните, еколошките прекршувања најчесто се третираат како изолирани инциденти, прекршоци или отворени предмети без судска разрешница.

Пожари, загадени реки и неконтролирани депонии не се исклучоци, туку образец кој се повторува со години. Зад секој ваков случај постои потенцијален еколошки криминал, но во пракса тој ретко се препознава и уште поретко се санкционира како таков.

Од Министерството за внатрешни работи признаваат дека постојат бројни активни предмети поврзани со животната средина, но тие најчесто не се водат како класичен екокриминал.

„Дивите депонии, депонијата Вардариште, складиштата за електронски отпад – има многу предмети што се активни и во Обвинителството и во МВР. Со постојната инфраструктура се обидуваме да постапуваме максимално ефективно, но како општество сè уште не сме подготвени за целосно и квалитетно постапување по кривични дела од овој тип“, вели Јанко Стојановски, главен инспектор во Одделението за криминалистичка полиција при Бирото за јавна безбедност.

Според него, проблемот не е само во обемот на случаите, туку и во фактот што законската рамка за екокриминал сè уште е во фаза на градење. Тоа резултира со ситуации во кои делата остануваат меѓу прекршок и кривично дело – без јасна квалификација и со ограничена одговорност.

Дополнителен проблем е недостигот од човечки капацитети во правосудството. Од предвидени 639 судии, во моментов во државата работат само 392, што сериозно ја отежнува специјализацијата за сложени области како еколошкиот криминал.

Токму оваа „сива зона“ ја посочува и Центарот за правни истражувања и анализи, кој со години предупредува дека процесуирањето на екокриминалот е системски проблем. Според нивните податоци за периодот од 2021 до 2024 година, најголем дел од предметите се однесуваат на незаконит риболов (56 проценти) и мачење на животни (30 проценти), додека само 7 проценти се поврзани со загадување на животната средина.

„Зошто немаме кривични дела поврзани со пожарите? Затоа што тие најчесто се подведуваат под предизвикување општа опасност, а не како посебни кривични дела. Дополнително загрижува фактот што по опожарени подрачја подоцна никнуваат нови градби“, вели Никола Јовановски од Центарот за правни истражувања и анализи.

Институционалната слабост е видлива и во ресурсите. Државниот инспекторат за животна средина годинава располага со буџет од 37 милиони денари, кој за следната година е дополнително намален за два милиони.

„За споредба, инспекторатот во Словенија има буџет од околу 10 милиони евра, што е повеќе и од целиот наш буџет за Министерството за животна средина“, вели Дарко Блинков од Државниот инспекторат за животна средина.

Со само 13 инспектори на терен, ограничен буџет и без посебен закон за екокриминал, уништувањето на природата најчесто останува неказнето. Додека загадувањето се множи, а последиците се чувствуваат секојдневно, правдата останува заглавена меѓу институционалната немоќ и недоречената законска рамка.

Извор: 4news.mk

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close