Економијата на Саудиска Арабија е драстично погодена од падот на цената на нафтата

Саудиската економија се намали за еден процент во првиот квартал поради наглиот пад на цената на нафтата и кризата со коронавирусот чиј врв беше на преминот кон вториот квартал, покажуваат официјални податоци.

– Главната причина за негативната стапка на раст е падот на нафтениот сектор за 4,6 проценти додека не-нафтениот сектор забележа позитивен раст со стапка од 1,6 отсто, соопшти денеска саудиската агенција за статистика, додавајќи дека проценките се прелиминарни.

Сите показатели упатуваат на заклучок дека најголемиот светски извозник на нафта годинава ќе бележи најголем пад на активноста во историјата, поради намалената побарувачка на нафта во услови на пандемијата на Ковид-19, и мерките на владите ширум светот за ограничување на движењето за да се спречи ширењето на вирусот.

Во првите три месеци од оваа година, вредноста на саудискиот извоз на нафта се намали за околу 11 милијарди долари во однос на истиот период минатата година, според официјалните податоци објавени овој месец.

Уште полоши се податоците за април, кои покажуваат пад на вредноста на извозот за околу 12 милијарди долари.

Во мај и јуни, Саудиска Арабија го намали производството според договорот со водечките производители кој би требало да го ублажи трендот на намалување на цените на пазарот на нафта. Ова исто така значи дека нафтениот сектор влијаеше на саудискиот БДП во вториот квартал.

Бројките на Централната банка исто така покажуваат дека другите сектори во мај бележат лоши резултати. Така, профитот на банкарскиот сектор минатиот месец паднал за речиси 40 проценти. Трговијата на мало паднала за речиси 16 проценти, соопшти агенцијата за монетарна политика.

– Со оглед на кризата со коронавирусот, овие податоци (за првиот квартал) се на некој начин вчерашните вести. Бројките за вториот квартал речиси сигурно ќе бидат ужасни, изјави Џејмс Свонстон од „Капитал економикс“.

Back to top button
Close