Ексдиректор на Фондот за здравство потпишувал документи откако му истекол мандатот, Антикорупциска бара одговорност од Управниот одбор

Антикорупциската комисија ќе бара одговорност од членовите на Управниот одбор на Фондот за здравство зашто во 2019 година не распишале конкурс за избор на нов директор, па тогашниот директор Орхан Рамадани , потпишувал документи со истечен мандат.

Со непостапувањето, членовите на УО го прекршиле Законот за здравствено осигурување, појаснуваат од ДКСК.

„Непостапувањето на Управниот одбор на ФЗОРСМ, согласно утврдените рокови во Законот за здравствено осигурување, овозможило преземање незаконски дејствија и донесувањенезаконски одлуки од страна на директорот Орхан Рамадани, во период од еден месец и десет дена кога неговиот мандат бил истечен“

соопштија од ДКСК.

На седницата, Комисијата постапувала и по пријавата за незаконски избор на директор на Центарот за култура „Антон Панов“ во Струмица, за што донеле одлука дека наводите не се потврдуваат. Антикорупционерите констатирале дека од тројцата кандидати, двајцата кои отпаднале не ги исполнувале критериумите за избор на директор.

„Тврдењата во јавноста дека избраниот кандидат Васил Бубевски нема соодветно образование и дека комисијата за избор на директор при Министерството со барање за доставување дополнителни документи му овозможила на актуелниот директор да биде избран, односно го фаворизирала, не се потврдија“

велат од ДКСК.

ДКСК постапувала и донела одлука и за предмет оформен по пријава од ВМРО-ДПМНЕ во која се изнесени наводи за сомнителни тендери со кои фирмата „Бригада Дизајн“, во кое управител и сопственик е лицето Бојан Ивановиќ и воедно е советник од редовите на СДСМ во град Скопје, добила тендери и склучила договори со Фондот за иновации и технолошки развој и Регулаторната комисија за енергетика, во висина од над 10 милиони денари. Наводите содржат сомневања дека предметните договори биле добиени како резултат на „меѓусебен партиски договор“ помеѓу лицата кои управуваат со институциите и советникот и во постапка која не била јавно објавена.

Од ДКСК велат дека ја утврдиле фактичката состојба која покажала дека биле спроведени јавни набавки со двете институции, а процесот се одвивал преку Електронскиот систем за јавни набавки каде биле објавени и одлуките за избор на најповолна понуда и склучените договори за јавните набавки, што значи дека не се потврдуваат предметните пријавени наводи. Но за истото лице имаат оформено уште еден предмет по кој се уште се постапува.

„Од страна на ДКСК, за лицето Бојан Ивановиќ оформен е и предмет за наводи за сомневања за постоење судир на интереси и неспоивост на функциите. Постапувањето по овој предмет е во тек“

додаваат од ДКСК.

Од Антикорупциската комисија го повторија и ставот дека го прекинуваат постапувањето во врска со предметот за набавката на софтвер од страна поранешниот генерален секретар на Владата, Драги Рашковски, бидејќи ги имаат доставено сите информации и податоци до Обвинителството за организиран криминал, како и сознанијата за уште четири сомнителни јавни набавки поврзани со истиот случај.

Back to top button
Close