Ексдиректорката Димова тврди дека Заев барал од неа да ја повлече кривичната пријава за проневера на 2,2 милиони евра европски пари

Откако вчера беше соопштено дека Националната агенција за европски образовни програми ќе треба да врати 2,2 милиони евра, пари злоупотребени преку програмата „Еразмус плус“, поранешната директорка на агенцијата, Лидија Димова во изјава за неделникот „Фокус“ се навраќа на кривичната пријава што во 2019 година ја поднела за проневера на средствата. Таа истовремено тврди и дека поранешни високи функционери, кои ги наведува со име и презиме, ѝ вршеле притисок да ја повлече пријавата.

Кривичната пријава, вели Димова, тогаш ја поднела лично до тогашниот републички јавен обвинител Љубомир Јовески и ги замрзнала исплатите на сите спорни проекти од пријавата.

„Во април 2020 година, од Владата ми беше доставен ‘поздрав’ со листа на проекти што требаше да ги ‘пуштам’. Во јуни 2020 година, тогашниот премиер Зоран Заев – во присуство на Нола Исмајлоска – од мене побара да ја повлечам кривичната пријава. Во октомври бев разрешена поради ‘неетичко однесување’ (прашајте го Љупчо Николовски што значи тоа), а во јули 2021 година Нола беше именувана за регионален координатор за ЕУ, се разбира, откако гласаше за промена на името на државата. Во следните неколку месеци новиот директор на Националната агенција, Марко Ѓоргиевски, ги доисплати сите спорни проекти од шемата вредна 2,2 милиони евра“,вели Димова за „Фокус“.

Инаку, вчера актуелниот директор на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност, Марко Ѓоргиевски, соопшти дека Агенцијата во текот на месецов добила известување дека треба да изврши поврат на 2,2 милиони евра злоупотребени преку програмата „Еразмус плус“. Националната агенција, како што беше соопштено, добила известување за конечност на одлуката откако претходно на 30 ноември 2023 година по електронска пошта од генералниот директорат за образование млади, спорт и култура на Европската комисија, согласно извештајот на Европската канцеларија за борба против измами (ОЛАФ) биле информирани за барањето за поврат.

Ѓоргиевски изјави дека во известувањето биле информирани дека постојат одредени наоди за неправилности во врска со проектни досиеја на 22 корисници на грант од програмата „Еразмус плус“ финансирани од Европската комисија.

„Согласно ова известување, се бара поврат на средства 2 276 212 евра кои биле доделени како грантови во временскиот период од 2016 до 2018 година“,рече Ѓоргиевски на вчерашната прес-конференција.

Back to top button
Close