Ексдиректорот на Филхармонија, Даниел Лазаровски со демант: Ова е обид за прикривање на сопствените грешки и непочитување на законски одредби

Поранешниот директор на Филхармонија, Даниел Лазаровски ги демантира обвинувањата од страна на Синдикатот и преку писмен допис обвини за негативна кампања која ја воделе поединци со што му нанеле штета нему но и на институцијата.

Во продолжение следи неговиот демант во целост:

„Чувствувам потреба да се обратам во јавноста бидејќи во медиумите беа изнесени низа лаги и клевети од страна на одредени лица, скриени позади маската на синдикални претставници. Имено, негативната кампања во која поединци изнесуваа невистини во медиумите, без никаков аргумент, ниту пак приложен доказ за секоја изнесена клевета, без да помислат дека нанесуваат штета не само на мене лично, туку и на најстарата културна институција во Република Македонија, а се тоа само поради лични амбиции и стигнување до одредени позиции за лична корист. Истите тие поединци фалсификуваа петиции, незаконски и спротивно на статутот на СКРМ спроведуваа гласања и синдикални седници,а во одредени ситуации извршуваа и притисоци врз членството со цел спроведување на својата агенда. Впрочем, во петицијата против Националниот Џез Оркестар моето име стоеше како еден од потписниците, а јас воопшто не бев во државата. Овие петиции се собираа по угостителски локали, службени канцеларии, проби и ходници, а за истите се агитираше и се вршеше притисок врз оние кои одбегнуваа да се потпишат, одбележувајќи ги како рушители на „едниството“ на синдикатот, дотаму што и одредени потписи беа фалсификувани во процесот на собирање. Соодветните институции кои извршија вонредни инспекциски надзори на институцијата не пронајдоа никакви незаконитости ниту пак се поистоветија со некои од начелата на потпишаните петиции. Тоа покажува на каков начин се спроведуваат петициите, како и нивната валидност. Врвот на иронијата е достигнат во моментот кога истите тие поединци организираат незаконско запирање на работниот процес (штрајк), без причина и без поддршка од страна на СКРМ, чиј совет патем, мора да ја одобри оваа активност.

Иако одржав неколку состаноци со претседателката на СКРМ, Вера Атанасовска, за да укажам на неправилното работење на синдикалната организација и претседателот на истата, таа изјави дека СКРМ воопшто нема дадено дозвола ниту пак поддршка за изнесените невистини во медиумите кои Владимир Лазаревски ги има изнесено на своја рака и дека истото ќе биде разговарано на советот на СКРМ.

Не би сакал да се поистоветам со оваков калибар на луѓе кои немаат чест и достоинство, а кои се диреткно одговорни за нанесување на најголемата штета на угледот во историјата на институцијата. Затоа ќе се осврнам кон работите кои јас во мојата пет месечна работа како раководител и менаџер на институцијата ги остварив и во каква соствојба ја оставив институцијата.

Ќе започнам од финанискиот дел, каде од денот на моето назначување до денот на неправедното разрешување, состојбата на сметката беше петкратно зголемена, а притоа беа вратени стари долгови од судски спорови, кои истите овие, денес синдикалци, а во минатото директори и претседатели на управни одбори, ги имаат создадено. Покрај платените долгови, беа наплатени стари долгови кон институцијата со сериозно високи износи, кои биле толерирани долго време од „непознати“ причини. Токму од овие причини беа изнесени негативни извештаи кон претходните раководства на институцијата од страна на надлежното министерство и инспекциите. Беа остварени контакти со престижни институции од целиот свет како и планирани соработки со најзначајните фестивали за класична музика во Европа. За прв пат беа донесени уметници на македонската сцена од светски калибар како: Мануел Хернандез Силва, Алфонсо Скарано, Роберт Лакатош, Драган Ѓорѓевиќ, Кристијан Васкез, Пачо Флорез, Лео Рондон, Марина Хередиа, а за јубилејната 80 сезона, беа договорени уметници како Ана Софи Мутер, Џејмс Енес, Роман Ким, Јанин Јансен, Србољуб Диниќ, Зои Цоканоу. Ова се уметници од највисок ранг, кои поради тешката достапност и презафатеноста навистина се предизвик да се ангажираат. Нивниот ангажман бил договаран исклучиво преку мои лични контакти и со тоа би се испишала нова историја на културата во Македнија. Договорена беше набавка на инструмент „контрафагот“ кој оркестарот на Македонска Филхармонија веќе 10 години го позајмува од други институции, а кој никој од претходните раководства не се ни осмелил да го набави поради високата вредност на инструментот но и недомаќинско работење. Неполни два месеци од моето поствување на функцијата в.д. директор, беше решено прашањето за потрошниот материјал кој поради неспособност на претходното раководство, не можеше да се реши речиси ДВЕ ГОДИНИ.

Сметам дека најголемиот губитник со мојата смена е токму Македонската Филхармонија и нејзината публика, како и македонската култура кои ќе бидат лишени од овие светски имиња и сите понатамошни планови и визии за развојот на институцијата. Токму плодовите на овие мои визии како и промената на програмата, можеа да се видат на двата концерта по моето разрешување, но и на претходните, каде салата беше исполнета повторно по долг период.

За жал, институцијата е препуштена во рацете на луѓе кои и нанесоа огромна штета на Филхармонија во минатото, луѓе кои знаат само за свој личен интерес и чии визии одат само до доделување на концерти по пријателска и роднинска врска, што верувам дека ќе продолжи како пракса во иднината (самопрогласени „врвни“ уметници кои никогаш и никаде не успеале да настапат без поддршка од Министерство за Култура и кои секоја година молат за добивање на проекти и средства). Би го навел примерот со последните промени во програмата каде што се вметнати недокажани диригенти и солисти со ниски квалитети во роднински релации со претседателот на управниот одбор, за сметка на откажаните врвни диригенти и солисти со докажана светска кариера кои се буквално згрозени од непрофесионализмот на новото раководство со откажување на концерти во последен момент, а со тоа руинирајќи го меѓународното реноме и репутација на Македонска Филхармонија.

Верувам дека министерката е свесна за големата неправда и грешка која што ја направи со моето разрешување без никаков аргумент, за на мое место да назначи луѓе кои упатуваа лични навреди кон неа и кон министерството, нарекувајќи ја „министерка за некултура“, носејќи жолти, картони, свирчиња и ленти неумесно споредувајќи се со жртвите на холокаустот и ставајќи црвени ленти во форма на музички знак „снижувалка“ и во форма на буквата „Б“, а сите тие „синдикални“ активности нарачани и платени од државни средства на касата на Филхармонија“ пишува Лазаровски.

Back to top button
Close