Ексгенералниот секретар на Град Скопје ќе ја тужи Арсовска за изјавите за вмешаност во тендерот

Велковски и Златко Перински, кој беше директор на ЈП „Водовод и канализација“, барем според информациите од кабинетот на Арсовска, во понеделникот беа разрешени од исти причини – обиди за влијание и сомнежи за несоодветно постапување во постапка за избор на изведувач на милионски тендер за пречистителна станица

Или градоначалничката Данела Арсовска да ја повлече изјавата и да се извини или ќе добие тужба за клевета.

Вакво барање попладнево упати поранешниот генерален секретар на Град Скопје, Ѓоко Велковски, откако Арсовска во изјавите на прес-конференција пред два дена и преку соопштенија од нејзиниот кабинет обвини за обиди за влијание и изрази сомнежи за несоодветно постапување во постапка за избор на изведувач на милионски тендер за пречистителна станица.

Во објавата во која бара извинување од градоначалничката, Велковски вели дека нејзините изјави се клеветнички и ги нарушуваат неговиот углед и чест.

„На ден 12 Септември 2022 година, на одржана прес-конференција од страна на градоначалничката Данела Арсовска се изнесени невистинити тврдења за факти штетни за мојата чест и углед, коишто потоа се пренесени преку соопштение до јавност од кабинетот на Градот Скопје. Со индигнација ги отфрлам тврдењата дека на кој било начин сум работел несовесно и сум влијаел на процесот за избор на компанија за пречистителната станица! Се работи за клеветничка изјава која го нарушува мојот углед и чест. Оттука, а согласно одредбите од Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета, член 13 и 14, барам од Арсовска во целост да ја повлече изјавата и да се извини за невистините и лагите кои ги шири и со кои ја манипулира јавноста. Во спротивно, доколку не постапи по ова барање во законски предвидениот рок од 48 часа, ќе поднесам тужба за утврдување граѓанска одговорност за клевета“,наведува Велковски.

 

 

Велковски и Златко Перински, кој беше директор на ЈП „Водовод и канализација“, барем според информациите од кабинетот на Арсовска, во понеделникот беа разрешени од исти причини.

„Велковски, во петокот е разрешен заедно со в.д директорот на ЈП ’Водовод и Канализација’-Скопје, Златко Перински, поради обиди за влијание кои се сметаат за тенденција која ги потврдува основаните сомнежи на Град Скопје за самоволие и несоодветно постапување во постапката за избор на изведувач во милионски тендер. Градот Скопје нема да дозволи расипничко трошење на парите на скопјани ниту финансирање лични и теснопартиски интереси. Скопје е град на сите скопјани“,рекоа од кабинетот на Арсовска во понеделникот.

Велковски, пак, тогаш рече дека сам се повлекол поради разочараност од слабиот потенцијал и несоработката со градоначалничката која покажувала затвореност, слаба динамика и поинакви приоритети од ветените.

Истиот ден, неговиот сопартиец од ВМРО-ДПМНЕ, разрешениот Перински одржа прес-конференција на која ги отфрли обвинувањата од Арсовска. Таа тогаш „упадна“ на прес-конференцијата при што јавноста сведочеше на јавно соочување помеѓу нив во кое двајцата си најавија тужби.

Back to top button
Close