Ексминистерот Бесими е за системско решение, а не за линеарно зголемување на пензиите зашто е неодржливо
Цврсто стојам на ставот и професионално сум спремен да разговараме дека треба да има системско решение затоа што пензионерите заслужуваат предвидливост, вели поранешниот министер за финансии Фатмир Бесими за одлуката на новата влада за линеарно зголемување на пензиите од вкупно пет илјади денари. Според него, пензионерите треба да ги знаат кои им се правата со закон, а не да бидат предмет за добивање политички поени пред секои избори.
„Нема зошто да се преговара со Владата за нешто што му е загарантирано системски. Зошто да бидат предмет пред секои избори дали оваа влада ќе даде 2 500, дали две или четири или пет илјади денари?! Еве, некоја да е неодговорна опозиција, ќе каже – зошто две и пол, дајте пет илјади денари. Може, но не е одржливо“,вели Бесими.
Новата влада во септември годинава ги зголеми пензиите за 2 500 денари, а за уште толку тие ќе пораснат во март наредната година.
Во интервју за „360 степени“ на МРТ 1, тој додава дека е потребно да се има дефинирани правила, со кои ќе се гарантира стандардот, односно покривањето на основните трошоци за живот и да се следи растот на стопанството и продуктивноста, за тоа да го почувствуваат и пензионерите во смисла на тоа нивните пензии да растат повеќе од инфлацијата.
„Како што расте економијата и се подобрува стандардот кај сите, тоа да го почувствуваат и пензионерите. Затоа се тоа 50 % од корекцијата врз основа на трошоци на живот и 50 % врз основа на просечната нето-плата, два пати во годината за да се ублажи тој ефект и мислам дека тоа е одржливо и системско решение и може да се спроведе“,
рече Бесими.
Во однос на тезата дека оние пензионери кои уплаќале повеќе придонеси во нивниот работен век заслужуваат да имаат повисоки пензии, Бесими вели дека доколку сакаме да ја намалиме пирамидата на разлики во пензиите, треба да се интервенира во придонесите и како се дефинира старосната пензија.
„Пирамидата да биде поблага во разилката во однос на тие што добиваат најмногу затоа што секој треба да плати, за потоа во времето кога нема да работи, да добие поврат во вид на пензии“,рече Бесими.