Експерти од Македонија и Србија од „Државни патишта“ добиваат месечни хонорари од 13.000 до 25.000 евра за изградба на коридорите 8 и 10
Македонски и српски експерти добиваат месечни хонорари од 13.000 до 25.000 евра за нивниот ангажман во изградбата на автопатските делници на коридорите 8 и 10, што ги градат компаниите „Бехтел и Енка“. Ова го покажува истражувањето на Центарот за граѓански комуникации (ЦГК) во рамките на проектот „Јавен надзор над јавните набавки“.

Истражувањето открива дека трошоците за изградба на автопатските делници продолжуваат да растат. Покрај договорите за изградба и надзор, во ноември 2025 година е склучен и договор за техничка експертска помош на вработените во Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП) во вредност од 3,8 милиони евра. Договорот се базира на стара проектна програма, изготвена пред почетокот на градежните активности и откако веќе биле потрошени 381 милион евра.
Ангажираните експерти, седум од Македонија и шест од Србија, ќе добиваат хонорари што варираат меѓу 13.000 и 23.000 евра месечно. Тим-лидерот за четири години ангажман ќе заработи 550.000 евра, додека осуммина други експерти ќе добијат поединечно меѓу 272.000 и 500.000 евра. Четворица експерти се ангажирани со помали договори, од 38.000 до 156.000 евра.
ЦГК посочува дека ангажманот на 13 експерти ќе чини околу 950.000 евра годишно, што е еквивалентно на платите и надоместоците за 92 редовни вработени во претпријатието. Високите хонорари се значително повисоки и од цените што „Државни патишта“ ги плаќа за консултантски услуги од професорите од Градежниот факултет, кои земаат по 1.300 евра месечно.
Експертите не се вработени во САФЕГЕ Скопје, туку имаат договори за деловно-техничка соработка со фирмата. ЦГК оценува дека ваквите енормни хонорари отвораат сериозни прашања за економичноста, оправданоста и ефективноста на трошењето на јавните средства во инфраструктурните проекти.






