Експертите на БИЕПАГ реагираат за Извештајот на ЕК за Северна Македонија за 2022 година

Помалку од три месеци откако ЕУ ја „отпочна фазата на отворање“ на пристапните преговори со Северна Македонија, извештајот на Европската комисија за земјата за 2022 година доби мало, речиси никакво внимание во јавноста. Она што порано беше најочекуваниот документ за состојбата со реформите во земјата, се сведе на неколку спорадични и главно технички вести. Спротивно на тоа, неодамнешното отворање на бугарскиот културен центар во Охрид именуван по бугарскиот крал Борис III, кој се приклучи на пактот на Оската и за возврат доби големи делови од Македонија и Тракија, создаде јавна бура од осуда и бес. Насилното отстранување на натписот што се случи на денот на објавување на извештајот на ЕК доби многу поголемо медиумско внимание. Овие случувања ја нагласуваат главната загриженост што ја споделуваат авторите: дека идентитетските политики и ревизионистичките агенди ја дефокусираат земјата од она за што мора да биде процесот на пристапување – трансформација на македонското општество во согласност со копенхашките критериуми.

Извештајот го игнорира овој предизвик опишувајќи ги протестите што избувнаа во јули како „протести … против предлозите дизајнирани да ги отстранат пречките за отворање на преговорите за пристап во ЕУ“. Слично, осврнувајќи се на „интензивните дебати во парламентот“ за овие предлози, извештајот не признава дека за време на дебатата парламентарците немале пристап до еден од клучните елементи на предлозите: Билатералниот протокол меѓу Северна Македонија и Бугарија.

 

Северна Македонија достигна добро ниво на подготовеност во однос на заедничката надворешна и безбедносна политика, постигнувајќи многу добар напредок со целосно усогласување со ЕУ по руската инвазија на Украина, уште еднаш покажувајќи дека е сигурен партнер на ЕУ. Понатаму, извештајот ги зема предвид напорите на граѓаните за сместување на бегалците од Украина на кои им беше доделен статус на привремена заштита. Земјата е на второ место во регионот, по Црна Гора, кога станува збор за севкупната подготвеност за членство, бидејќи е умерено подготвена во повеќето кластери. Во извештајниот период, има постигнато поголем напредок од Косово, Србија и Босна и Херцеговина, но помалку од Албанија и Црна Гора.

 

Земјата продолжува да ја покажува својата посветеност и испорачала резултати во клучните темелни области. Сепак, Европската комисија предупредува на ограничен напредок во справувањето со препораките на ОБСЕ/ОДИХР и Венецијанската комисија. Северна Македонија останува умерено подготвена во однос на реформата на јавната администрација и постигна ограничен напредок во оваа област поради доцнењето на клучни закони кои промовираат „мерит систем“ и се спротивставуваат на појавата на кронизам. ЕК повторно ја признава работата на Државната комисија за спречување на корупцијата, но бара поголема поддршка и проследување на нејзините наоди. Земјата постигна одредено ниво на подготвеност, умерено е подготвена во превенцијата и борбата против корупцијата.

Постигнат е одреден напредок, вклучувајќи и постигнувања во истражување, гонење и судење на неколку случаи на корупција и предмети на корупција на високо ниво. Кога станува збор за работата на Собранието извештајот ги признава предизвиците во однос на користењето на скратената постапка. Имено, од 213 закони усвоени во 2021 година, 81 се донесени со оваа скратена постапка. Се доведува во прашање и употребата на „европското знаменце“. Експлицитно беше споменат недостатокот на напредок во спроведувањето на обврските преземени од дијалогот „Жан Моне“, а тоа вклучува измена на деловникот, зголемен надзор врз владата, јавни расправи, парламентарен календар и процедури за законите кои се во постапка под „европско знаменце“. Собранискиот национален совет за евроинтеграции треба да направи многу повеќе за да обезбеди широк консензус за ЕУ агендата. Сите вклучени страни, без исклучок, треба да го преземат својот дел од одговорноста за напредок на Северна Македонија во процесот на пристапување во ЕУ.

* Никола Димитров е поранешен вицепремиер за европски прашања

* Зоран Нечев е раководител на Центарот за европски интеграции при Институтот за демократија

Извор: 360 степени

Back to top button
Close