Експертите не се оптимисти за раст на БДП од 3,8%: Има потфрлање во капиталните инвестиции


Предлог- буџетот за наредната година е традиционално за покривање на државните трошоци и заштита на животниот стандард. Но, проектираниот раст на БДП од 3,8 проценти во вакви геополитички случувања е тешко остварлив. Ова се првичните коментари на експертите за државната каса која следната година ќе биде тешка над 6,73 милијарди евра.
Јас не сум преголем оптимиста дека ќе успееме да ја реализираме, иако навистина таа стапка реално е остварлива доколку биде ставен во функција полниот капацитет на администрацијата и се задржи фокусот на капиталните проекти кои можат да генерираат таков раст, вели Зоран Ивановски, универзитетски професор.

-Ова е буџет на стабилност, континуитет и реалност, според мене, а има и простор за критики секако. И создава една основа за посилен инвестициски циклус во 2027 и довербата во однос на меѓународните партнер, вели Синиша Наумоски, универзитетски професор.

Велат – немаме капацитет за реализација на капиталните инвестиции. Препорачуваат за раст и развој државата да создаде амбиент за раст на приватните инвестиции.

-Останува дилемата дали истото и ќе се реализира во пракса имајќи во предвид слабата кондиција особено на градежната оператива, а и би рекол и капацитетот на јавната администрација истите да ги реализира. И секоја година заради тоа традиционално имаме релативно скромни стапки на остварување на капиталните инвестиции, вели Зоран Ивановски, универзитетски професор.

-Да, има и потфрлање во однос на капиталните инвестиции. Јас често во јавноста говорам, еве и сега е најавено, некаде намалени капитални инвестиции за околу 650 милиони евра. И тука се поставува исто така предизвик и за оваа нова 2026 година во однос на исполнувањето на капиталните инвестиции. Тоа во континуитет наназад се случува често, вели Синиша Наумоски, универзитетски професор.

Со предлог буџетот- буџетскиот дефицит е проектиран на 3,5 проценти од БДП или 637 милиони евра. Капиталните инвестиции се намалени и проектирани на 650 милиони евра. За покривање на долгот, планирано е да се задолжиме околу 1,7 милијарди евра, од кои 950 милиони преку еврообврзница . Проекциите се БДП догодина да порасне 3,8%, а инфлацијата да изнесува 2,5%.

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close