Експертите предупредуваат дека вештачката интелигенција се развива многу побрзо од прописите што треба да ја регулираат

Извршниот директор на британскиот регулатор за финансиски пазари (ФЦА), Никил Рати, денеска изјави дека традиционалниот процес на носење прописи веќе не е доволно брз за да одговори на забрзаниот развој на технологијата, особено на системите за вештачка интелигенција кои можат самостојно да извршуваат задачи, пренесува Си-Ен-Би-Си.

 

Рати порача дека регулаторите не сакаат да го забават усвојувањето на новите технологии, но оти е неопходно да се најде рамнотежа меѓу поттикнувањето на иновациите и управувањето со ризиците што ги носи забрзаниот развој на вештачката интелигенција.

 

Европските регулатори и централни банкари сè почесто предупредуваат дека вештачката интелигенција се развива многу побрзо од прописите што треба да ја регулираат, поради што е сè потешко да се усогласат технолошките иновации со заштитата на финансиската стабилност и интегритетот на пазарот.

 

Претседателката на Европската централна банка (ЕЦБ), Кристин Лагард, во најновото интервју за францускиот весник „Еко“ (Les Echos) оцени дека вештачката интелигенција може значително да ја зголеми продуктивноста, но предупреди дека во исто време претставува и голем безбедносен ризик.

 

– Со години зборуваме за кибер-безбедноста, хакерските напади и кражбата на податоци, но забрзаниот развој на моделите на вештачка интелигенција носи значително посериозни предизвици, бидејќи се одвива многу брзо, додека соодветните механизми за заштита сè уште не се развиени“, рече Лагард.

 

Темата за влијанието на вештачката интелигенција врз финансиските пазари беше една од главните на годишниот форум на ЕЦБ во португалскиот град Синтра.

 

Заменик-гувернерката на Банката на Англија, Сара Брајден, предупреди дека пошироката примена на автономните системи за вештачка интелигенција во тргувањето би можела да ја зголеми нестабилноста на пазарот во периоди на финансиски шокови. Таа смета дека во иднина можеби ќе биде неопходно воведување заштитни механизми, како што е автоматско запирање на тргувањето, доколку системите за вештачка интелигенција предизвикаат сериозни нарушувања на пазарот.

 

Истовремено, европските функционери истакнуваат дека Европа заостанува зад Соединетите Американски Држави во вложувањата во вештачка интелигенција и во развојот на водечките компании во оваа област. Потпретседателот на ЕЦБ, Борис Вујчиќ, оцени дека Европа мора да ги развие сопствените капацитети во областа на вештачката интелигенција со цел да ја зголеми продуктивноста и да ја зачува технолошката конкурентност.

Back to top button
Close