Експлицитни видеа и фотографии се споделуваат на Фејсбук: Ромките не смеат да бидат жртви на нова „Јавна соба“

 

Од Здружението „Иницијатива за правата на жените од Шуто Оризари“ информираат за случаи на сексуално вознемирување на жени и девојки Ромки на социјалните мрежи.

Оттаму истакнуваат дека 21 август оваа година на социјалната мрежа Фејсбук се појавила фан-страната @semmsuvada, на која се објавуваат компромитирачки и експлицитни приватни фотографии и видеа од Ромки за тие да се деморализираат и обезвреднат.

„На истата Фејсбук страница на 06.10.2021 година е објавен повик за собирање на фотографии и видеа од жени и девојки Ромки со цел нивно објавување и како што е наведено во објавата „јавно прикажување на „нечесните жени“(„Koj mangena shaj dena slike privatno te ubacina e nepostena manusen)“,соопштуваат од Иницијативата.

Истовремено, оттаму дополнуваат дека на самите објави има приватни фотографии и видеа од Ромки кои што живеат во земјава и во странство, а на некои фотографии се видливи и нивните малолетни деца.

„Сите објави на гореспоменатата Фејсбук -страница, предизвикува лавина од вознемирувачки коментари и говор на омраза од поединци, како и повици за јавен линч со што се повредува достоинството на Ромките чии фотографии се објавени“,нагласуваат од Иницијативата.

Од Здружението ги повикуваат жените кои се директно засегнати со овие објави, како и сите останати корисници на социјалната мрежа Фејсбук да ги пријават ваквите објави најпрво користејќи ги алатките за пријава на ваков вознемирувачки материјал, а потоа да ја пријават ваквата злоупотреба до надлежните институции и до здруженијата на граѓани.

Оттаму бараат надлежните институции, односно, Министерство за внатрешни работи – Оддел за компјутерски криминал и Дигитална форензика, Основното јавно обвинителство, Агенцијата за заштита на лични податоци и Комисијата за спречување и заштита од дискриминација веднаш и итно да постапат по допрен глас и да ги елиминираат овие штетни практики кои имаат за цел да ги нарушат достоинството и угледот на жените Ромки.

„Не смееме да дозволиме да ни се повтори случајот со „Јавна соба“! Како општество не смееме да го дозволиме вознемирувањето, злоупотребата на лични податоци и јавниот говор на омраза кон жените чија единствена цел е да се наруши дигнитетот и јавниот углед на жените Ромки“, велат од Иницијатива за правата на жените од Шуто Оризари“.

 

 

 

 

Back to top button
Close