Експлозија во продавница за огномет во Кина одзеде 12 животи
Експлозија во продавница за огномет во кинеската покраина Хубеи денеска одзеде 12 животи, објавија државните медиуми, што е втор ваков инцидент за време на прославите на кинеската Нова Година.

Службите за итни случаи го изгаснаа пожарот во продавницата за огномет во градот Сјангјанг, а причината за експлозијата моментално е под истрага, објавија кинеските медиуми.
Огнометите се широко користени за време на прославите на Лунарната Нова Година во Кина, но нивната употреба често е причина за бројни несреќи.
Во друга несреќа во продавница за огномет во источната покраина Џангсу во неделата загинаа осум лица, а две беа повредени.
Властите соопштија дека еден човек запалил огномет во близина на продавницата.
Министерството за вонредни ситуации вчера издаде предупредување против употребата на огномет, наведувајќи дека тие претставуваат „најголем ризик“ за време на прославата на овој празник.






