Екстракт од канабис што ги ублажува болките во долниот дел од грбот, без опасност од развој на толеранција

Експериментален екстракт од канабис може да им помогне на луѓето да се справат со хроничната болка во долниот дел од грбот, без опасност од зависност од дрога или сериозни несакани последици, посочува ново истражување.

Во испитувањето учествувале 820 возрасни лица со хронична болка во долниот дел од грбот кои не добиле доволно олеснување од неопиоидни лекови. Учесниците биле поделени во две групи – околу половина од нив добија тн. „ВЕР-01“ – екстракт од канабис направен од германската компанија „Вертаникал“ (Vertanical), а останатите испитаници добија плацебо. Од сите нив потоа е побарано да ја оценат својата болка на скала од 0 до 10, при што „најлошата болка што може да се замисли“ е 10.

По три месеци, луѓето кои примиле „ВЕР-01“ пријавиле намалување на болката од 1,9 поени, во споредба со 0,6 поени кај оние со плацебото. По дополнителни шест месеци, пациентите со „ВЕР-01“ забележаа дополнително намалување на болката од 1,1 поен, како и подобрувања во квалитетот на спиењето и физичката кондиција.

Резултатите од клиничко испитување во доцна фаза би можеле да им дадат надеж на околу 619 милиони луѓе ширум светот кои страдаат од хронична болка во долниот дел од грбот – најчестата хронична болка во светот, според „Евроњуз“ (Euronews). Соодветните третмани за ова заболување, имено, засега се ограничени. Постојните лекови вклучуваат опиоиди, коишто, сепак, предизвикуваат многу зависност, и нестероидни антиинфламаторни лекови (НСАИЛ) како што е „Ибупрофен“, што може да има долгорочни опасности за срцето и системот за варење. Наодите се објавени во списанието „Нејчр медисин“ (Nature Medicine).

– Олеснувањето на болката е клинички значајно и би било важно за многу луѓе кои живеат со хронична болка, рече Јан Волерт – предавач по неврологија на британскиот Универзитет на Ексетер, кој не е вклучен во испитувањата. – Ова е само еден тест и ќе бидат потребни дополнителни истражувања за да се потврдат резултатите, но е добар знак дека ова соединение би можело да им помогне на пациентите, додаде Волерт.

Најчестите несакани последици кај луѓето кои земаат „ВЕР-01“ биле краткотрајна вртоглавица, гадење и прекумерна поспаност. Истражувачите објавија дека немало знаци на злоупотреба или зависност од тој екстракт од канабис. Авторите најавија натамошни испитувања заради споредба на „ВЕР-01“ со постојните опиоидни терапии за хронична болка во долниот дел на грбот.

Back to top button
Close