Екстремни десничари ќе протестираат против мигрантите вечерва во Белград — лидерот уапсен поради расна дискриминација

Екстремно десничарската група „Народна патрола“ вечерва организира собир „против замената на населението“ на плоштадот Република во Белград, со кој протестира против доаѓањето на странски мигранти работници во Србија, објави српскиот портал „Данас“.

Иако лидерот на групата, Дамњан Кнежевиќ, беше уапсен под сомнение за расна дискриминација, собирот што го организира „Народна патрола“ не е откажан.

Кнежевиќ се товари дека јавно повикувал на насилство против мигрантите и на рушење на нивните шатори поставени пред Домот на Народното собрание, т.н. „Ќациленд“, во интервју објавено на платформата „Јутјуб“ .

„Многу мигранти имаат ХИВ и хепатитис, мораме да ја чуваме Србија“

На својата официјална страница на социјалната мрежа „Инстаграм“, групата објави соопштение во кое наведува дека не сака Србија да стане „нова Германија, Франција или Британија, каде што неконтролираните миграции го променија општеството и создадоа‘зони во кои ни полицијата не влегува“.

„Додека нашите млади заминуваат во странство во потрага по подобар живот, во Србија доаѓаат илјадници странци кои работат за пониски плати и така ја намалуваат вредноста на трудот на нашите луѓе. Освен тоа, работодавачите плаќаат помал данок кога вработуваат странци. Мора да ги чуваме нашата земја, култура и безбедност. Луѓето што доаѓаат честопати потекнуваат од ризични подрачја, со висок процент на ХИВ и хепатитис Б и Ц (на пример, Гана), и имаат сосема поинакви култури. Ова не е прашање на омраза, туку на одговорност кон нашиот народ и кон иднината на нашите деца“, се вели во соопштението на групата.

Групата, која е означена како екстремно десничарска, наведува и дека „ја брани Србија“.

„Додека невладините организации и либералите не нарекуваат ‘фашисти’, ние сме тие што покажавме човечност. Кога еден мигрант беше избоден од друг мигрант, ние му помогнавме и го спасивме, не свртевме глава. А каде беа оние што се фалат со ‘хуманост’? Готвеа чаеви за фотографии и земаа големи пари од странски фондови. Ние не работиме за туѓи интереси. Ние ја браниме Србија“, пишува „Народна патрола“.

Новинарите и активистите предупредуваат дека вистинскиот проблем не се мигрантите-работници, туку системот кој ги држи сите работници — и домашни и странски — во лоши и експлоататорски услови. Собирите против мигрантите, велат тие, само создаваат лажни виновници, ја поттикнуваат нетрпеливоста и ја одвлекуваат вниманието од одговорноста на власта и капиталот.

Пратеничката од Зелено-левиот фронт, Наталија Стојменовиќ, изјави за „Данас“ дека идејата за „замена на населението“ потекнува од теории на заговор кои во минатото довеле до трагични последици – од нацистичката пропаганда до современи терористички напади, инспирирани од расистички идеологии.

„Страшно е што ваков собир е дозволен во град што неодамна одбележа 28 години од убиството на ромското дете Душан Јовановиќ од страна на скинхедси“, предупреди таа.

Пратеничката потсети дека граѓаните на општината Стари град веќе со денови алармираат за насилството што доаѓа од екстремистички групи, насочено против ранливите категории – особено мигранти и припадници на ЛГБТИК+ заедницата.

„Овие собири ја пренасочуваат вината од реалните причини за сиромаштија и нееднаквост, обвинувајќи ги најранливите, кои честопати живеат во уште полоши услови од домашните работници. И едните и другите се жртви на истиот систем на експлоатација и неправда“, рече Стојменовиќ, додавајќи дека ваквите идеи добиваат простор под власта на СНС, партијата на претседателот на Александар Вучиќ, особено во општини што ги водат некои политичари од редовите на партијата.

 

Back to top button
Close