Екстремни горештини од утре го зафаќаат регионот – здравствените власти апелираат на внимателност кај најранливите!

Македонија се подготвува за нов, интензивен топлотен бран кој се очекува да го зафати целиот регион. Под влијание на многу топла воздушна маса од јужните краишта, од утре па сè до средината на наредната недела, земјава ја очекува период со исклучително високи температури, информираат од Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР) преку официјален допис.
Времето ќе биде претежно сончево со слаба до умерена облачност, а температурите речиси насекаде ќе надминуваат 30°C. Во одредени делови од земјата термометрите ќе покажат и над 40°C. Според најавите, неделата попладне и вечерта може да донесе краткотрајна нестабилност со локални врнежи и грмежи.
Во пресрет на жештините, Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) упати сериозни препораки, особено насочени кон заштита на повозрасните граѓани, хронично болните и другите ризични групи.
Според ИЈЗ, повозрасните лица треба да избегнуваат директно изложување на сонце и физички активности на отворено, особено во периодот од 11 до 17 часот. Се препорачува носење светла, лесна и памучна облека, капи со широк обод, очила за сонце и задолжително користење заштитен крем со УВ фактор од најмалку 30 кога се излегува надвор.
Исто така, важно е да се внесува повеќе течност од вообичаено – најдобро обична вода – и да не се чека до појава на жед. Се апелира на избегнување алкохол, пијалаци со кофеин и екстремно студени напивки, кои може да предизвикаат шок за телото. Доколку лицето има медицински препораки за ограничен внес на течности, неопходно е претходно да се консултира со лекар.
Во делот на домашните активности, ИЈЗ советува да не се користат шпорети, рерни и други извори на топлина во најжешкиот дел од денот, бидејќи тоа дополнително ја зголемува температурата во затворените простории.
– Хронично болните лица, особено оние со срцеви, белодробни и невролошки заболувања, мора строго да се придржуваат до овие насоки и редовно да ја земаат својата терапија – порачуваат од Институтот.
Во случај на било какви промени во здравствената состојба, граѓаните треба веднаш да се јават кај својот избран матичен лекар – се наведува во соопштението.

Back to top button
Close