Електродистрибуција го демантира Водовод: „Прекинот на водата не е поради струјата“
Од Електродистрибуција тврдат дека синоќешниот прекин на водоснабдувањето во неколку скопски населби нема никаква врска со снабдувањето со електрична енергија, како што претходно соопшти ЈП „Водовод и канализација – Скопје“.

„Наводите во соопштението од ЈП Водовод и канализација – Скопје, во кое се тврди дека вчерашниот прекин во водоснабдувањето бил предизвикан од краткотрајни прекини во снабдувањето со електрична енергија во регионот кај бунарите на Лепенец, ги отфрламе во целост како невистинити,“ стои во демантот на Електродистрибуција.
Компанијата прецизира дека напојувањето било стабилно и во граници на пропишаните стандарди, без регистрирани отстапувања.
Според нив, дефектот на кабелот меѓу трафостаниците „Влае 2“ и „Влае 1“ настанал во 18:18 часот во неделата (5 октомври 2025). При неговото лоцирање биле направени исклучувања на дел од 10kV изводите „Карпош“ и „Влае“.
„Санацијата беше целосно завршена во 20:50 часот од страна на екипите на Електродистрибуција. Прекинот на водоснабдувањето, според нашите информации, настанал повеќе од еден час подоцна, околу 22 часот – кога снабдувањето со електрична енергија веќе беше стабилизирано,“ наведуваат од компанијата.
Со тоа, Електродистрибуција го отфрла објаснувањето дека проблемот со водата бил предизвикан од електроенергетски дефект, нагласувајќи дека нивната мрежа функционирала без прекини во моментот кога настанал застојот во водоснабдувањето.