„Еноси“: Храбра одлука од Папастаматис – АЕК не излегува на терен без своите навивачи!

Нема да дозволиме неправда кон нашите навивачи и измама од локалните власти, им рекол високиот член на раководството на РК АЕК Стаматис Папастаматис на ракометарите на атинскиот клуб, информирајќи ги дека одлуката е да не излезат на терен, пишува спортскиот портал „Еноси“, што е специјализиран за вести поврзани со екипите на АЕК во сите спортови, јави дописничката на МИА од Атина.

Во текстот под наслов „Храбра одлука од Папастаматис – АЕК не излегува на терен за да се натпреварува без своите навивачи!“, порталот пишува дека членот на раководството ја посетил соблекувалната на ракометарите во салата „Борис Трајковски“ и ги информирал играчите на АЕК дека одлуката е поради „неправдата кон навивачите на кои не им беше дозволено да ја преминат границата“.- Разбирам дека сите сакавте да влеземе на терен и да се бориме. Но, правото на луѓето на АЕК е и наше право. Тие се нашата сила и ние ќе ги почитуваме по секоја цена. Нема да дозволиме неправда кон нашите луѓе и измама од страна на локалните власти. АЕК е семејство. И ние сме едно со нашите луѓе. Одлуката на сите нас во раководството е да не излеземе да играме, им рекол Папастаматис на ракометарите, според „Еноси“.

 

Истиот портал „Еноси“, нешто помалку од еден час пред натпреварот, објави дека неколку автобуси со навивачи на АЕК биле задржани на граничниот премин и не им бил дозволен влез и дека „раководството на АЕК, на состанок со ЕХФ, јасно стави до знаење дека тимот нема да излезе на терен, ако на навивачите не им биде дозволено да ја преминат границата“.

Од АЕК попладнево преку соопштение ги информираа нивните навивачи дека „по утрински безбедносен состанок и покрај упорноста и титанскиот напор на АЕК да обезбеди што е можно повеќе билети за натпреварот, локалните власти на земјата донесоа непопустлива одлука дефинитивно да доделат 200 билети“.

Реваншот меѓу Алкалоид и АЕК од финалето во ЕХФ Европскиот куп што требаше да се одигра во 20.30 часот во „Борис Трајковски“ не започна, откако ракометарите на гостинскиот тим одбија да излезат на терен.

Од ЕХФ соопштија дека финалето е откажано поради безбедносни причини, а дополнителни информации за понатамошните процедури ќе бидат соопштени навремено.

Back to top button
Close