Ентони Блинкен стапи на должност државен секретар на САД

Ентони Блинкен денеска ја презеде функцијата државен секретар на САД и во својата прва изјава вети дека ќе ги подобри односите со глобалните партнери и ќе му покаже на светот дека САД можат да имаат водечка улога, истовремено решавајќи го проблемот со климатските промени и други сложени прашања.

Мал број на вработени, ограничен поради мерките против коронавирусот, со аплауз го пречекаа и поздравија Блинкен.

– Светот во моментов внимателно не следи, сакајќи да знае дали можеме да ја лекуваме нашата нација, дали можеме да водиме со пример и дали ќе можеме да се соочиме со големите предизвици на нашето време преку дипломатски односи со нашите сојузници и партнери, истакна Блинкен.

Меѓу тие предизвици, тој ги вклучи пандемијата, климатските промени, глобалната економија, заканите врз демократијата, борбата за расна еднаквост и правда и опасноста по безбедноста и глобалната стабилност кои доаѓаат од противниците. Новиот американски државен секретар не одговори на новинарското прашање кој предизвик го смета за најголем приоритет.

Блинкен рече дека Стејт департментот мора да работи на воспоставување обединет фронт со сојузниците за надминување на предизвиците.

Ентони Блинкен, дипломат со долгогодишно искуство, беше заменик државен секретар за време на Барак Обама. Предлогот на Бајден да биде назначен за државен секретар беше потврден вчера од Сенатот со 78 гласа „за“ и 22 гласа „против“.

Back to top button
Close