Двајца заразени со коронавирус, а шестмина штипски здравствени работници во изолација

Двајца здравствени работници од одделенијата за Инфективно и Физикална медицина од штипската Клиничка болница се позитивни на Ковид-19, информираше на денешната прес-конференција директорот, Ален Ѓеорѓијев.

-Во однос на самоизолацијата по препoраката на епидемиолозите, која ја прaват епидемиолошката анкета и проценуваат кој треба да оди во изолација имаме досега шест здравствени рaботници, две докторки, три медицински сестри и еден лаборант, вели Ѓеорѓијев.

Прашан дали заразата ја добиле во болницата или во контакт со некој од зразените од познатиот текстилен кластер, Ѓеорѓијев вели дека тоа е работа на епидемиолозите кои треба да кажат и не може во моментов да се трврди како се пренел вирусот.

-Без разлика што еден од вработените ни е од Инфективното одделение не можеме да тврдиме дека заразата ни е од таму. Значи може и надвор од работно место и од таму, важно е што тие се позитивни, тргнати се на страна, треба да се борат со болеста. Сите оние коишто ќе проценат епидемиолозите треба да бидат отстранети од работните места, вели Ѓеорѓијев.

Тој најави дека повторно на помош на лекарите на Инфективното одделение се очекува инфектолог од Кочани или Струмица. Ѓеорѓијев истакна дека во моментов на Инфективното одделение се лекуваат 24 пациенти. Вчера попладне еден пациент е хоспитализиран на Клиниката за инфективни болести во Скопје, на кого состојбата му се влошила, а денеска е стабилен. Што се однесува до пациентите на штипското Инфективно одделение, четворица се со потешка општа состојба, имаат температура, кашлица и се со повремена кислородна поддршка. Поради зголемениот број на новозаразени во Штип, но и во соседните општини се очекува и зголемување на бројот на хоспитализирани пациенти. Поради ваквата состојба веќе е испланирано пациентите од Одделот за неврологија, кои се во истата зграда на Инфективното одделение да се пренесат на Интерното одделение, со што ќе се добијат дополнителни 15 болнички кревети.

-Тоа е спремен план и доколку има потреба од дополнителни кревети сите пациенти од Одделот за неврологија ќе бидат дислоцирани и тој оддел ќе биде користен за пациенти од корона, се надеваме дека нема да дојде до таа бројка. Имаме среќа во несреќа, да имаме секој ден новодијагностицирани пациенти, но од целокупната бројка најчесто по двајца или тројца имаат симптоми и се бара да бидат хоспитализарни, вели Ѓеорѓијев.

Тој се заблагодари на новинарите и на бизнис секторот кои во овие моменти придонесуваат во борбата против коронавирусот, донираат за здравствените установи. Пред неколку дена Венцо Филипов, сопственик на тестилна конфекција во Штип на болницата донираше респиратор, со зборовите „Имајте го, само да нема потреба од него и да не го користите“.  

Back to top button
Close