ЕП го изгласа извештајот за Македонија, македонскиот јазик и идентитет исчезнаа

Европскиот парламент денес го изгласа извештајот за Македонија. Известувачот Томас Вајц тоа го поздрави со гест – подугнувајќи ја раката со кренат прст. Ова е прв извештај на Македонија во ЕП за три години, при што Бајц се соочи со многу притисоци, скандали и опструкции од бугарските европарламентарци.

EPA-EFE/JULIEN WARNAND

Она што е за нас вест е дека во него не влегоа амандманите за признавање на македонскиот јазик и идентитет, а место тоа беше изгласан само дел во кој стои дека „ почитувањето на јазичниот, културниот и националниот идентитет е фундаментална компонента на процесот на пристапување во ЕУ и камен-темелник на демократските општества, што дополнително ќе се потврди со пристапувањето во семејството на европските нации“.

 

Иако во текот на гласањето се појавија и некои компромисни амандмани, т.е. збир на некои слични по содржина, поради што не беше јасно дали е изгласано барањето на Ивајло Валчев да влезе додавката „модерен“ на јазикот во извештајот, без воопшто да се спомене јазикот – тоа барање станува беспредметно. Отпадна и барањето на грчки пратеник место придавката „македонски“ да стои „на Северна Македонија“, бидејќи тоа го дозволува Преспанскиот договор.

 

 

 

Како што се очекуваше, на гласањето не поминаа ни обидите да се внесе „квалификуваното мнозинство“ како начин да се носат одлуки за проширувањето, за што немаше ни илузија дека ќе пројде, но отпадна и обидот на Валчев да ги внесе Протоколот на Бугарија со Македонија , историските и образовните прашања во официјалните документи и во барањата што се дел од извештајот. Практично билатералната бугарска реторика не доби воопшто поддршка во ЕП, уште повеќе што неа ја туркаше и бранеше европарламентарец од екстремната Преродба (Вараждање). Дури и оградите на Вајц за сензитивноста на прашањето за јазикот, историјата и културата, како и за различните интерпретации за нашиот јазик не беа изгласани, што е добра вест за нас, бидејќи и вака дипломатско, ова политичко оградување за да се ублажи спорот меѓу европарламентарците, имаше повеќе штетна отколку корисна вредност за Македонија.

 

 

 

И грчката европарламентарка, која се прослави вчера со изјавата „Македонија е грчка“, а дека македонскиот јазик е бугарски дијалект, не доби поддршка за своите амандмани кои забрануваа Македонија да го нарушува суверенитетот, културниот идентитет и културното наследство на Грција, а ЕУ да забрани воопшто такво нешто кон нејзините земји членки.

 

Во извештајот надвор од овој контекст влезе ставот за загриженоста од српското и унгарско штетно влијание во нашата држава.

 

Денешното гласање уследи по вчерашната полна со националистички испади и популизам дебата во ЕП околу извештајот на Вајц, по која тој ги повика европарламентарците да се сетат дека извештаите се однесуваат на прогресот и состојбите во земјата, а не на билатерални прашања. И тој и еврокомесарката Марта Кос порачаа дека треба да се забрза продолжувањето на преговорите на Македонија со ЕУ, дека нашата земја тоа го заслужува и дека досега се соочувала со многу пречки, при што Кос потсети дека единствен пат за тоа е – да се усвојат уставните измени.

 

Генерално во извештајот Европскиот парламент ја повторува својата целосна поддршка на континуираната и доследна посветеност на Северна Македонија за приклучување кон ЕУ и на потребните трансформативни промени што се потребни за исполнување на критериумите за пристапување. Во него се пофалува посветеноста на земјата на европската интеграција и се охрабруваат континуираните напори за унапредување на реформите усогласени со ЕУ и покрај предизвиците и неуспесите што го тестираа трпението и довербата на македонското општество.

 

Во документот се посочува дека земјава има статус на кандидат за членство ЕУ од 2005 година, дека успешно го заврши скрининг процесот во декември 2023 година и дека аспирациите на граѓаните за приклучување кон Унијата доведоа до напредок во однос на демократијата и социо-економските реформи, но сепак процесот на пристапување и натаму за жал се соочува со одложувања од различни причини.

 

(ЕП) подвлекува дека пристапувањето кон ЕУ останува прашање на политичка волја во исполнувањето на критериумите и спроведувањето на преземените обврски, во однос на имплементирањето на потребните реформи и усвојувањето на уставните амандмани, се вели во Предлог-извештајот, при што се потсетува на потребата од одржување на моментумот и кредибилитетот на процесот на интеграција во ЕУ.

 

 

Во документот се наведува дека согласно своите обврски од заклучоците на Советот од јули 2022 година, земјава „треба да ги спроведе уставните измени за да може веднаш да заврши почетната фаза на пристапните преговори“, како и дека македонските власти „предложиле решенија за уставни промени кои не ги исполнуваат условите од заклучоците на Советот од јули 2022 година“.

 

 

Во точката К од документот се посочува дека Советот „не го исклучи недвосмислено поставувањето на понатамошни нови услови за започнување на пристапните преговори“, па во членот 3 европратениците го повикуваат Европскиот совет „јавно и недвосмислено да сигнализира дека Советот има намера брзо и безусловно да донесе позитивна одлука за преминување во следната фаза од преговорите за пристапување со Северна Македонија.

 

Во извештајот исто така се повикува земјата да ги интензивира напорите за зајакнување на владеењето на правото и судската независност, вклучително и при назначувањето на судии и функционирањето на Судскиот совет, за борба против корупцијата, за реформирање на јавната администрација и подобрување на транспарентноста и концентрацијата на сопственост на медиумите и се охрабрува понатамошното спроведување на системски мерки за обезбедување транспарентност и ефикасност во управувањето.

 

Во документот се нотираат средствата што ги добива земјата од одделни членки на ЕУ и добрата соработка со нив, но сепак се „предупредува на зајакнување на сојузите со нелибералните режими“.

 

ЕП во извештајот „изразува длабока тага и искрена солидарност по трагичниот пожар во ноќниот клуб во Кочани“, ја поздравува брзата активација на Механизмот за цивилна заштита на ЕУ и помошта што ја обезбедија членките на ЕУ за спасување на што е можно повеќе животи и ги пофалува соседните земји и државите од ЕУ, особено Грција и Бугарија, за непосредната поддршка и солидарност што ја покажаа и медицинскиот третман што им го обезбедија на жртвите.

Во извештајот се нагласува дека земјава како партнер усогласен со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ, во огромното мнозинство случаи одигра конструктивна улога во регионот, но дека воздржување од поддршка на Резолуцијата ЕС-11/7 на Генералното собрание на ОН од 24 февруари 2025 година за Украина и коспонзорство на алтернативна резолуција предводена од САД „укажува на неочекуван и жален пресврт во нејзиното усогласување на надворешната политика“.

Документот посочува и дека во услови на геополитичките промени и војната во Украина, кога дезинформациите и погрешните информации имаат силно влијание врз сите европски земји, и политички и економски, и државава останува цел на „операции со странско злонамерно влијание, вклучително и напорите за разбивање на општественото ткиво на земјата и претворање во оружје на анти-ЕУ расположението, особено преку таблоидите и медиумите на српски јазик, кои функционираат како регионални засилувачи на наративите на Кремљ и имаат значително влијание“.

Дополнително се изразува загриженост затоа што „некои претставници на Владата“ го застапуваат и промовираат т.н. проект „српски свет“ и се осудува „учеството на состаноци на кои се обидува да се воспостави сфера на влијание што го поткопува суверенитетот на другите земји и стабилноста на регионот“, а се „потсетува на потребата од отворање на архивите на југословенските тајни служби (УДБА и КОС)“, како начин за „справување со тоталитарното минато на транспарентен начин, со цел зајакнување на демократијата, одговорноста и институциите на Западниот Балкан“.

Во документот се нагласува и дека секоја земја кандидат за членство „се очекува да ги почитува демократските вредности, владеењето на правото и човековите права и да се придржува до правото на ЕУ“, па се повикува на обезбедување на функционални демократски институции, медиумски слободи и спречување на говорот на омраза, почитување на основните и малцинските права, продолжување на социо-еконмските реформи, енергетското и транспортно поврзување и заштита на животната средина и биодиверизитетот.

Извештајот беше изгласан со 461 глас „за“, 121 „против“ и 107 „воздржани“.(nezavisen.mk)

Back to top button
Close