Ердоган го поздрави договорот за прекин на огнот во Газа

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган го поздрави договорот за прекин на огнот во Газа меѓу Израел и палестинската група Хамас, јави Анадолија.

 

– Длабоко сум задоволен што преговорите меѓу Хамас и Израел, одржани во Шарм ел-Шеик, во кои придонесе и Турција, завршија со прекин на огнот во Газа, истакна Ердоган преку социјалните мрежи.

– Би сакал да ја изразам мојата искрена благодарност до американскиот претседател Трамп, кој ја покажа потребната политичка волја да ја охрабри израелската Влада да се согласи на прекин на огнот, и до нашите братски земји Катар и Египет за нивната значајна поддршка во постигнувањето на договорот, додаде тој.

Ердоган рече дека Анкара внимателно ќе го следи строгото спроведување на договорот за прекин на огнот и ќе продолжи да придонесува во процесот.

Турција, исто така, ќе продолжи да изразува поддршка сè додека „не се воспостави независна, суверена палестинска држава, со целосен територијален интегритет, врз основа на границите од 1967 година, со Источен Ерусалим како нејзин главен град“.

– Во оваа прилика, им упатувам најискрени поздрави на моите палестински браќа и сестри, кои две години издржаа неописливо страдање, борејќи се за живот и достоинство под нехумани услови, губејќи ги своите деца, мајки, татковци, роднини и пријатели, и кои, и покрај сите трагедии што ги претрпеа, не потклекнаа во однос на својот чесен став, рече Ердоган.

Планот од 20 точки, првично објавен на 29 септември, вклучува ослободување на сите израелски заробеници во замена за палестински затвореници, прекин на огнот, разоружување на Хамас и обнова на Газа, потсетува Анадолија.

Back to top button
Close