Ердоган им додели медал на спасувачите од Македонија кои помагаа по разорните земјотреси во Турција

Турскиот претседател им додели Врховен државен медал за пожртвуваност

Претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, денеска им додели медал на спасувачите кои од земјава заминаа да помагаат во извлекувањето на преживеаните и справувањето со последиците од катастрофалните земјотреси што се случија во февруари годинава.

Ердоган, како што соопшти Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), доделил Врховен државен медал за пожртвуваност.

Церемонијата на доделување медали се одржа во Националниот конгрес и културен центар во Бештепе, а во име на Република Северна Македонија медалот го прими заменик-директорот на ДЗС, Зулфиќар Зејнулаи.

На настанот присуствувал и македонскиот амбасадор во Турција, Јован Манасиевски.

Покрај тимови од ДЗС, во спасувачките мисии во февруари во Турција заминаа и припадници на Армијата на Република Северна Македонија, како и тимови од противпожарните екипи од неколку градови во земјава.

„Ердоган, пред присутните во салата, го изрази своето среќно искуство да им се придружи на локалните и странските тимови за потрага и спасување, кои се жртвуваа во земјотресите во Кахраманмараш и Хатај, по повод церемонијата на доделување на државниот Врвен медал на жртвување“,

соопштија од ДЗС.

Back to top button
Close