Ердоган потврди дека Русија се врати во договорот за украинското жито

Рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу му рекол на својот турски колега дека Москва се согласила да се врати во договорот кој со посредство на Турција и ОН овозможи транспорт на украинско жито преку Црното Море, изјави денеска турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.

Ердоган информира дека Шојгу му се јавил на турскиот министер за надворешни работи Хулуси Акар и го информирал дека од денеска договорот за коридорот за жито „ќе продолжи на ист начин како и досега“.

 

Турскиот претседател изјави дека приоритет ќе биде испорака на жито во африканските земји, вклучително и Сомалија, Џибути и Судан, бидејќи Русија изрази загриженост дека најголемиот дел од житото ќе заврши во побогатите земји.

Ердоган истакна дека подоцна во текот на денешниот ден ќе има телефонски разговор и со неговиот украински колега Владимир Зеленски.

Рускиот претседател Владимир Путин вчера во телефонски разговор му рече на Ердоган дека сака „вистински гаранции за строго почитување на договорот од Истанбул“, особено дека Киев не го користи хуманитарниот коридор за воени цели, пред потенцијално повторно да се приклучи на договорот за жито.

Договорот за испорака на жито беше потпишан на 19 јули во Истанбул под покровителство на Турција и ОН и овозможи извоз на милиони тони жито, заробени во украинските пристаништа за време на руската офанзива врз Украина.

 

Back to top button
Close