Ердоган: Состанокот Украина-Русија во Истанбул исклучително важен за ставање крај на војната.
Првите директни мировни разговори меѓу Русија и Украина од пролетта 2022 година, одржани во Истанбул, беа „исклучително важни“ за напредок кон ставање крај на војната, изјави турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.
Тој на новинарите во авионот со кој се враќаше од самитот на Европската политичка заедница во Тирана, им рече дека „состанокот на делегациите на двете држави (Русија и Украина) во Истанбул е исклучително важен за завршување на војната … и воспоставување мир“.
Првите мировни преговори меѓу делегациите на Украина и Русија од пролетта 2022 година се одржаа вчера во Истанбул со посредство на Турција.
Русија преку својот преговарач Владимир Медински соопшти дека е „задоволна“ од исходот на преговорите одржани во Истанбул и оти е „подготвена да ги продолжи контактите“.
Во преговорите кои траеја малку помалку од два часа, Русија и Украина се договорија да разменат по 1.000 воени заробеници, што е најголема размена досега, а исто така се договорија да разменат детални предлози за прекин на огнот.
Украина побара средба на шефовите на држави Владимир Путин и Володимир Зеленски, а Медински рече дека Русија ќе го разгледа тоа, и додаде дека Русија е подготвена да ги продолжи разговорите.