Ердоган: Турција е во контакт со Москва и Киев за прекин на војната

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган денеска изјави дека Турција е во контакт и со Русија и со Украина за да помогне во процесот за запирање на војната и во обновувањето на мирот. Тој нагласи дека безбедноста во Црното Море е приоритет за Анкара, јави „Туркије тудеј“.

Ердоган ова го изјави во градот Трабзон на турското Црно Море, изразувајќи надеж дека конфликтот, кој започна пред речиси четири години, ќе заврши „што е можно поскоро“.

Тој нагласи дека Анкара е подготвена да направи „сè што е потребно“ за да придонесе за разрешување на конфликтот.

Турскиот претседател зборуваше и за прекинот на огнот во Газа, при што го повика Израел да ги почитува обврските од неодамна постигнатиот договор. Тој рече дека испораката на хуманитарна помош за Газа е забрзана по договорот и потврди дека камиони со помош испратени од Турција веќе почнале да пристигнуваат таму.

Ердоган додаде дека мора да се преземе акција пред да настапи зимата, за да се „спасат луѓето од Газа од импровизирани засолништа“, најавувајќи дека Анкара ќе продолжи да го поддржува овој процес.

Договорот за прекин на огнот, чија прва фаза стапи во сила во петокот, предвидува ослободување на сите израелски заложници во замена за околу 2.000 палестински затвореници и постепено повлекување на израелските сили од целиот Појас Газа.

Back to top button
Close