Ерменија и Азербејџан во вербален судир по заробувањето на ерманските војници

Ерменија го обвини соседот Азербејџан за синоќешното заробување на шестмина свои војници, а официјален Баку соопшти дека тие нелегално ја преминале границата, со што тензиите меѓу двете ривалски нации повторно се зголемија, јави ДПА.

-Ситуацијата е напната и експлозивна, изјави денеска привремениот ерменски премиер, Никол Пашинијан, тврдејќи дека Азербејџан ги заробил војниците на ерменска територија.

Азербејџанското Министерство за одбрана, од друга страна, соопшти дека шестмината Ерменци се обиделе да ја преминат границата кај областа Калбајар, во спорниот регион Нагорно-Карабах.

ДПА појаснува дека Калбајар му беше предаден на Азербејџан по минатогодишниот  жесток конфликт меѓу септември и ноември 2020 година меѓу овие две поранешни советски републики, кога повеќе од 6.000 лица загинаа во борбите.

Русија посредуваше во прекинот на огнот, но постои меѓународна загриженост дека конфликтот може повторно да ескалира.

Неодамна, големите воени маневри што ги изведе Азербејџан повторно предизвикаа бурна реакција, при што Ерменија го обвини соседот за повреда на границата, акт што Баку го отфрли.

Пашинијан предложи двете земји да ги повлечат војниците од границата и наместо нив да бидат стационирани меѓународни набудувачи, пренесува германската агенција.

Back to top button
Close