Ерменско-македонската каша-попара продолжува

Не знам кој на што се надева, но „ерменската афера“ со македонското „дипломатско“ замешателство е тука – и нема наскоро да си замине. Приказната е со компоненти на холивудски трилер во доменот на настаните што се случувале вон територијата на државава, а она што ја тангира Македонија е со елементи на домашниот жанр „институционален хорор“ во кој допрва останува да се уточнува кој и што знаел, кога дознал, и што преземал или одмолчил. И зошто?

Да се потсетиме…

Колку што може во овој момент да се заклучи, во основа, се работи за класичен криминален наратив што се случувал во Ерменија. Имено, таму во последните пет-шест години се одвиваат големи градежни инфраструктурни инвестиции кои се мерат во милијарди евра на регионалниот „Пат на свилата“ за поврзување на северот со југот на земјата, а во времето што ја тангира аферата, ги „изведувало“ семејството на тогашниот ерменски претседател и (во два наврати) премиер Серж Саргсјан (на власт бил од 2008-2018) и „мрежата“ од добро распоредените негови блиски роднини, пријатели и соработници. Еден од клучните луѓе во надзорот на изведбата на тие патишта е инженерот Бранислав Димитриевиќ, долгогодишен експерт за овој вид на инфраструктура, кој работел во име на еден познат западен конзорциум (шпанско-белгиската компанија „Сафеге и Ептиса“) за надзор на градежните активности.

Деталите од самиот надзор се помалку битни, но факт е дека ерменските власти, по падот на Саргсјан од власт, по сомневања во 2018-2019 година за нерегуларности во работата, покренуваат разни истраги (вклучително и за братот Левон на поранешниот претседател/ премиер), а во некој од тие контексти го приведуваат и го пуштаат да се брани од слобода и инженерот Димитриевиќ, додека трае истрагата за евентуалните злоупотреби.

Димитриевиќ – кој, покрај тоа што е носител на македонско државјанство, најверојатно поседува и хрватски пасош, а наводно располага и со поголем имот во таа држава – проценувајќи дека не му одговара да го чека исходот од истрагата, решава да си организира бегство од таа земја. За таа цел, низ еден елабориран план, решава да регистрира невладина организација во Македонија (нашите извори велат дека фејсбук страната на таа организација e “Здружение за еднаквост на децата – Насмевка“) која, како параван, ќе се занимава со статусот и проблемите на децата со аутизам, а ја поврзува македонската со активностите на слична таква организација во Ерменија (позадината на неговата вмешаност во таа ереванска организација сега не е важна, а постои), за да може, во погоден момент, да организира средба меѓу претставниците на двете организации.

За датумот на таа „невладина“ средба е избран моментот на одржувањето на големата евро-азиска конференција во Ерменија (https://armenianweekly.com/2019/10/02/world-leaders-from-iran-russia-converge-at-eurasian-economic-summit-in-yerevan/) на 1 октомври 2019 година (со присуство на високи претставници на држави и влади во нивниот главен град, што веројатно е проценето како згоден „де-фокус“ на тамошните власти од она што го подготвувала екипата за бегство), на која делегација од тројца претставници од Македонија – тројцата дипломати, плус уште едно лице, кое сега е уапсено во Ерменија, а со комерцијален лет од Виена отишло таму за да му го „позајми“ својот пасош на Димитриевиќ за излез од земјата, па кога по петнаесетина дена, откако пасошот по друго лице му го вратиле назад, се обидел да ја напушти државата, иако веќе еднаш се водел како „излезен“ од Ерменија – со приватно закупен авион (со српска посада), од Скопје заминува во Ереван.

При влезот во Ерменија македонската „дипломатска екипа за екстракција“ се идентификува со своите цивилни пасоши (имено, граѓаните на Македонија вадат визи во Ерменија на самата граница, додека за дипломати е неопходна посебна претходна процедура), за да ги прикријат своите вистински намери, се среќаваат и со своите невладини „колеги“, а всушност му носат пасош на Димитриевиќ на име на вистински македонски државјанин (тој што подоцна е уапсен при обид за излез од земјата) со чија помош тој и неговите соработници (тројцата македонски дипломати) ја напуштаат земјата и се враќаат во Скопје.

Не е познато, освен патниците, колку други торби и куфери се пренесени на линија Ереван-Скопје истиот ден, но може само да се претпостави дека авионот не се вратил без багаж од таму. Впрочем, не е тешко да се претпостави дека нашиве дипломати сигурно „бесплатно“ не се зафатиле за оваа ризична авантура…

Во моментов, македонските власти го знаат идентитетот и локацијата на тројца патници на повратниот лет, но не знаат (?!) со кој пасош се идентификувал Димитриевиќ на влез во земјава – и каде сега се наоѓа. (Патем, ерменските истражни органи го имаат приведено граничниот полицаец кој ја извршил „идентификацијата“ на Димитријевиќ на излезот од ерменскиот главен аеродром со пасошот кој не е со негов идентитет и против него таму води соодветна постапка.)

Потоа почнува приказната со „црвената потерница“ на Интерпол и фактите околу тоа се веќе објавени: потерницата на 25 февруари 2020 година службено пристигнала во нашето МВР, во времето кога со него раководи техничкиот министер Наќе Чулев, но каде завршила и што се случило со неа по заминувањето на Чулев од Министерството и доаѓањето на Оливер Спасовски на негово место, не е сосема јасно.

Колумната на Сашо Орданоски во целост прочитајте ја тука

Back to top button
Close