Еролд Муслиу: Бугарија не е безбедносно прашање

Улогата на исламските верски заедници повеќе ја гледам од аспект на превенција и спротивставување на радикализацијата, која треба да се реализира во соработка со други државни институции и граѓанскиот сектор, вели во интервјуто за МКД.мк, Еролд Муслиу, директорот на Агенцијата за разузнавање.

Во еден од ретките свои јавни настапи Муслиу открива дека во бегалските кампови во Сирија престојуваат неколку жени и деца по потекло од Македонија, кои живеат во катастрофално нехумани услови, во кои се заканува опасност ситуацијата да излезе од контрола, па да се соочиме со масовно бегство и со тоа да се создаде ситуација во тој бран да се најдат и терористички елементи. Со директорот на Агенцијата за разузнавање разговараме и за коронавирусот, спорот со Бугарија и други теми.

Помина една година од појавата на коронавирусот во светски рамки, со кој од крајот на февруари се бори и нашата земја. Што прават на тоа поле безбедносно-разузнавачките служби, конкретно Агенцијата за разузнавање?

-Пандемијата несомнено го промени целокупниот начин на нашето живеење и таквата промена ќе остане да се чувствува и по нејзиното надминување. Сите институции мораа да се приспособат на новата реалност и од аспект на внатрешното функционирање и од аспект на исполнувањето на својата мисија.

Пристапот на Агенцијата кон пандемијата е како кон глобален феномен, уште повеќе што таа се рефлектира и предизвикува промени во севкупните политички, економски и меѓународните односи, но и кон манифестирањето на асиметричните и хибридните закани. Во вакви услови, идентификувана е адаптација на новата реалност и од страна на терористичките организации и транснационалните организирани криминални структури. Се адаптираа и креаторите на хибридните стратегии со спроведување медиумско-пропагандни активности и дипломатски алатки за влијание врз јавното мислење. Во овој правец, одредени држави преку креирање лажна перцепција во јавноста предизвикуваа позитивни емоции за држави што не се членки на НАТО, наспроти „инертните и несолидарни“ ЕУ и НАТО.

Ваквите промени подразбираат нов пристап во работата на безбедносно – разузнавачките служби, покрај ограничувачките околности за нормално функционирање. Агенцијата за разузнавање се адаптира на новата реалност и го задржа нивото на оперативност и редовно информирање на корисниците на информации, вклучително и Министерството за здравство. Во вакви услови, Агенцијата оствари динамична соработка со партнерските разузнавачки служби, разменувајќи искуства и информации за справување со пандемијата, корисни за здравствениот сектор во нашата држава.

Колку актуелната ситуација во земјава, особено односите со Бугарија, влијае врз безбедносната оценка за Македонија? Имате ли информации за засилена разузнавачка активност од странските земји во Македонија?

Односите со Бугарија не се безбедносно прашање. Бугарија е наш сојузник во рамките на НАТО и оттука имаме одлични односи со бугарските цивилни безбедносно-разузнавачки агенции. Ние како Агенција ги делиме истите стратешки определби и интереси со бугарските агенции и заеднички се справуваме со асиметричните и хибридните закани. Во тие рамки, АР ја следи разузнавачката активност и делување на земјите што развиваат хибридни стратегии, а во чии рамки пропагандното делување со креирање лажни вести, приспособени на географските, етничките и религиските посебности може да доведе до конфузија и несигурност кај населението и политичките актери во државите. Во вакви ситуации, многу е опасно доколку политичарите и медиумите несвесно влезат во матрицата на хибридно-пропагандното дејствување на креаторите на хибридните стратегии и да предизвикаат дополнителна поларизација и поделби, придружена со тензии во општеството, особено за внатрешнополитички цели и во периоди на предизборие.

Целото интервју на МКД.мк.

Back to top button
Close