Еролд Муслиу за ДВ: Констелациите во Западен Балкан не може да се решат со нон-пејпери

Појавата на такви неофицијални документи е опомена за одолговлекувањето на официјалниот дијалог Белград- Приштина и на разговори за отворените прашања во регионот, вели за ДВ директорот на Агенцијата за разузнавање.

Nord-Mazedonien Erold Musliu Direktor Nachrichtendienst

Голем број теми се во фокусот на интерес на јавноста во време на растечки домашни и меѓународни предизвици – здравствени, регионални, интегративни, и сите со еден заеднички именител – безбедносни. За дел од нив разговаравме со Еролд Муслиу, директор на Агенцијата за разузнавање (АР), институција што е под надлежност на претседателот на државата. Таа е овластена за собирање, анализа и обработка на разузнавачки информации значајни за безбедноста, одбраната, политичките, економските и други интереси на Република Северна Македонија.

ДВ: Доживеаја ли успех хибридните стратегии кои ја искористија пандемијата за исцртување траектории за свое влијание, најмногу преку игла – од вакцини, преку донации, до медиумска пропаганда и сѐ што може да се подведе под тој антипандемиски пакет, но со видлива геополитичка етикета?

Еролд Муслиу: Државите кои вршат хибридно влијание врз региони кои се во нивната сфера на интерес, ја злоупотребија пандемијата за промоција на своите државни интереси. Досега, таквиот пристап имаше ефект врз одредени сегменти од јавното мислење за наклонетост и фаворизирање на одредени земји и вакцини и во однос на нивните постапки за донации. На краток рок, таквиот пристап може да се каже дека вроди со плод, но долгорочно ваквото постапување и делување не е одржливо, и во иднина нема да може да се користи како платформа за имплементирање на хибридните стратегии. Секако, успехот во спротивствувањето на ваквото делување е колку државите ќе го препознаат тоа како закана, соодветно ќе се спротивстават и развијат отпорност. Ние како членка на НАТО, заедно со нашите сојузници, брзо ја идентификувавме и препознавме оваа стратегија и соодветно се поставивме. Потребно е во наредниот период, во соработка со другите чинители од областа на безбедноста, заеднички да влијаеме на подигнување на безбедносната култура во институциите и воопшто во нашето општество, со цел да станеме поотпорни на влијанијата кои се дел од хибридните стратегии на геостратешките актери.

Во овој пандемиски период се појавија и бројни нон-пејпери, со кои беше испратена порака дека проблемите и замрзнатите конфликти може да се решат со исцртување нови граници кај дел од земјите на Западен БлаканДали АР има сознанија кој стои зад нив?

Констелациите во регионот на Западен Балкан се далеку посложени и покомплицирани за да може да се решат со нон-пејпер. АР го следи нивното објавување и можам да констатирам дека не го постигнаа посакуваниот ефект. Идентификувавме дека беше предмет на интерес на стручната јавност, а политичарите немаа храброст да ги изнесат нивните ставови. Главниот интерес на АР е кој е креаторот на тие документи и која е нивната цел. Сознанијата упатуваат на разузнавачки заклучок дека некои политичари во регионот се обидуваат да излезат надвор од нивните граници во обид да се претстават пред ЕУ како релевантна адреса која може да помогне во процесот на решавање на отворените прашања на Западен Балкан. Некои меѓу нив ја преценуваат моќта, а се базираат на добрите контакти во разните лоби групи кои постојат во ЕУ. Опасноста ја гледам, пред сѐ, политичарите од регионот на Западен Балкан да влезат во матрицата на хибридната стратегија, а со тоа и да бидат алатка за реализиција на сценаријата од таканаречени нон-пејпери. Нон-пејперите со леснотија исцртуваат решенија базирани на етнички принцип, иако на сите им е кристално јасно дека по распаѓањето на СФРЈ, новите држави се формираа врз база на тогашните административни граници, а не врз база на етнички принцип. Појавата на ваквите неофицијални документи со смели предлози е опомена за одолговлекувањето на официјалниот дијалог меѓу Белград и Приштина и останатите разговори за отворените прашања во регионот.

Во една прилика изјавивте дека Бугарија не е безбедносно прашање. Да, таа е наш партнер во НАТО, но нејзината блокада на македонскиот европски пат влијае на стабилноста овде и регионот. Кога наспроти нас имаме и партнер, и кочничар, како пристапувате во третманот на ова прашање?

Точно е дека изјавив и сѐ уште сум на тој став дека односите на РСМ со Бугарија не се безбедносно прашање. Тоа е политичко прашање за кое на билатерално ниво и во рамките на ЕУ се води дијалог.Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Република Бугарија од 2017 година е солидна основа за решавање на проблемот, со тоа што и ЕУ ќе треба да заземе проактивен став за неговото имплементирање. Но, бидејќи Вашето прашање се однесува на стабилноста на регионот, а не само на РСМ, може да се констатира дека блокадата на европскиот пат на РСМ негативно ќе влијае врз регионот и ќе се даде простор за делување на други геополитички сили, на кои порастот на евроскептицизмот поволно ќе влијае врз реализирањето на нивните стратешки цели. АР е фокусирана да идентификува дали зад кочењето во евроинтергациските процеси на РСМ и регионот на Западен Балкан евентуално стојат други геополитички сили, кои имаат интерес да го успорат процесот на проширување на ЕУ, односно на интегрирањето на Западниот Балкан во Европската Унија.

Дали неодамнешното протерување на руски дипломат беше акт на солидарност или имаше друга позадина? Еден медиум објави и информација за инцидент во угостителски објект во Скопје, во кој било инволвирано лице од руската амбсадата.

Факт е дека нашите сојузници од НАТО протераа 40-тина руски дипломати од нивните држави заради вмешаност во недозволиви разузунавачко-дипломатски активности на нивни територии. Во однос на случајот во нашата држава не се работи за акт на солидарност, туку посочениот руски дипломат не го почитувал дипломатскиот кодекс и интегритетот  на нашите институции. Случајот е детално обработен во соработка со неколку институции во нашата земја, за што руската амбасада е соодветно информирана. Во однос на вториот случај, се работи за службеник во амбасадата на Руската Федерација, кој направил инцидент со вработени во угостителски објект во Скопје и пружил отпор на преземени службени дејствија, со што го нарушил јавниот ред и мир. За ваквото недолично однесување на рускиот службеник соодветно била информирана руската амбасада. Во однос на ваквите случаи, небитен е фактот дека РСМ е мала држава по географска површина, но треба да се знае дека нашата геостратешката позиција има вредност за НАТО и ЕУ. Нашите служби можеби изгледаат мали, но Ве уверувам дека сме ефикасни и никогаш нема да дозволиме да не се почитуваат нашите институции и вработените на сензитивни позиции.

По случајот со 215-те незаконски издадени пасоши за нарко-босови и лица опасни за нашата, и за безбедноста на други држави, се отвори прашањето – како е можно оперативните служби во МВР, АНА и АР да немале индиции дека нешто се случува – дека лица од таков профил доаѓаат овде, престојуваат и без проблем добиваат патни исправи? Какви се импликациите од овој случај?

Очекувано е да се појават импликациите од ваквата појава на незаконско издавање патни исправи на лица, членови на криминални и екстремистички групи. Фактот што таквите лица поседуваат „легална“ патна исправа сериозно ги попречува напорите за нивно оперативно следење, идентификување на нивната локација и активности. За сознанијата со кои располага АР, навремено ги информираше надлежните институции и партнерските служби. Загрижува фактот што со вакви патни исправи се стекнале екстремисти со искуство од Сирија, членови на криминални банди, вмешани во ликвидации во Украина и Грција и поединци инволвирани во сериозни форми на организиран криминал, поврзани со трговија на наркотици и перење пари. Се разбира дека овој случај треба да ни биде поука во иднина за зајакнување на безбедносните стандарди во државните институции, поголем професионалнен интегритет кај вработените и ефикасни заштитни механизми.

Меѓународниот институт за блискоисточни и балкански студии (ИФИМЕС) од Љубљана, повикувајќи сѐ на неименувани аналитичари објави дека постои разузнавачка операција наречена „Коњски скок“, чија крајна цел била враќање на Никола Груевски во земјава и уривање на актуелната власт, преку дестабилизација на државата со постојано производство на бројни скандали. Имате ли сознанија за таква операција?

Согласно закон, АР е надлежна институција за прибирање сознанија за надворешни закани и изведување операции во странство. Ве уверувам дека во моментов не располагаме со сознанија, ниту сме информирани од партнерски служби дека е во тек операција со заведено кодно име „Коњски скок“. Текстот на ИФИМЕС упатува на сериозни сознанија кои не даваат јасна слика како е дојдено до нив, туку се повикуваат на неименувани аналитичари од меѓународни кругови. Раководителите на ИФИМЕС биле чести гости во нашата држава, во оваа прилика би ги поканил доколку имаат поконкретни податоци за оваа операција заеднички да ги поразговараме. Наша обврска е да упатиме ваква покана, бидејќи како заштитници на националната безбедност имаме обврска да се одбраниме од можна дестаблизација најавена во нивниот текст. Што се однесува на случајот со Никола Груевски, сметам дека целата меѓународна правна помош и комуникација се одвива преку Министерството за правда, додека во делот на соработка со Интерпол преку Министерството за внатрешни работи.

Кои се најголемите безбедносни ризици за РСМ во моментов?

Во моментов постојат неколку битни безбедносни предизвици за РСМ. Но, мора да имаме предвид дека со влезот на РСМ во НАТО, безбедносните предизвици за НАТО станаа безбедносни предизвици и за нашата национална безбедност. Најпрво би го споменале геополитичкото ривалство кое развива хибридни стратегии за дејствување во регионот. Тоа опфаќа ширење лажни вести, политичко-дипломатско дејствување, разузнавачко дејствување, промоција на економски и бизнис интереси, културна дипломатија, а во последно време и ковид дипломатија. Друг безбедносен предизвик е од доменот на тероризмот, каде сѐ уште е актуелно прашањето на странски терористички борци, од аспект на нивно лоцирање на вооружените остатоци, враќање на затворениците и оние кои се наоѓаат во хуманитарните кампови.Се работи за неколкумина припадници на ИСИС кои се во затвор под контрола на СДФ (Syrian Democratic Forces), како и неколку жени и деца во хуманитраните кампови, исто така под контрола на СДФ. Подолого време оваа структура е предвизвик за нашите институции од аспект на нивна репатријација, односно преземање и трансфер од моменталните локации од Сирија во нашата држава. Периодов, заедно со надлежните институции во нашата држава и меѓународните партнери активно работиме на овој план, и се надевам на брз и позитивен резлултат. Кога ќе ја завршиме оваа активност, АР во рамки на нејзината надлежност ќе продолжи да работи на лоцирање на неколкутемина преостанати наши државјани кои се борат во редовите на ХТШ (Hay’at Tahrir al-Sham). Наш приоритет е и работата за прибирање сознанија за другите асиметрични закани од областа на организираниот криминал, тука пред сѐ мислам на илегалната миграција, не само како појава, туку и како алатка во хибридната стратегија на геостратешки и на регионални геополитички играчи. Не помал интерес во работата на Агенцијата и соработката со партнерските служби се и меѓународните канали за трговија со наркотици. Секако остануваме фокусирани и на обезбедување релевантни информации поврзани со пандемијата, која трае повеќе од една година и нејзиното влијание врз регионалната безбедност.

Колку влијаеше зачленувањето на земјата во најмоќниот воено-политички сојуз, во однос на подобрувањето на стандардите на работата во АР и во соработката со партнерските служби?

Зачленувањето на земјава во најмоќниот воено-политички сојуз суштински ја промени позицијата, работата и филозофијата на АР. Нашата цел е преку информациите и анализите на Агенцијата да влијаеме врз процесот на носење одлуки од стратешки интерес а поврзани со политиката за заштита на националната безбедност, што е и стратешки приоритет на НАТО. На внатрешен план, ја подобривме организационата структура и ги подигнавме безбедносните стандарди, кои се регулирани во новиот закон за АР. Во рамките на Алијансата, АР стана рамноправен партнер со пристап до информации, ја зголеми ефикасноста, се отворија нови можности за едукација и учество на конференции. Истовремено, АР има можност да даде свој придонес во идентификување на заканите и да разменува информации, да искаже ставови и да разменува мислења со своите хомолози од Алијансата, со што ги надградува личните и капацитети на институцијата.

Back to top button
Close