Ескобар: Санкциите имаат ефект на Балканот и ќе има уште

Санкциите не се основно средство за ангажман на САД на Западен Балкан, но тие имаат ефект и ќе продолжaт, рече заменик-помошникот државен секретар и специјален пратеник за регионот Габриел Ескобар во интервју за Гласот на Америка, додавајќи дека корупцијата е голем проблем на Балканот.

Ескобар за Гласот на Америка посочи дека американската политика и ангажман на Западен Балкан традиционално се однесуваат на мултиетничко помирување и интеграција во Европската унија.

– Во тој поглед, политиката на последните четири управи беше многу конзистентна. Она што можам да кажам дека малку е променета количината на внимание што го доби Западен Балкан во оваа администрација. Значи, има обновени напори за повторно вклучување во сите механизми кои беа успешни, а тоа е да се зајакне Дејтон, да се поддржи и обнови дијалогот меѓу Србија и Косово и да се работи тесно со нашите партнери од НАТО за да се осигураме дека тие можат да ги исполнат своите обврски од НАТО. И би рекол дека бевме многу успешни во поголемиот дел од тоа, истакна Ескобар.

Тој додаде дека „малку е фрустрирачки што, од една страна, нема понатамошен напредок во европската интеграција, што многу земји не постигнаа понатамошен напредок во спроведувањето на реформите“.

– Посебно во борбата против корупцијата, која би рекол дека е најголемиот предизвик на Западен Балкан. Сепак, морам да кажам дека имаме многу добри партнери во регионот и влади кои се посветени на оваа програма на евроинтеграции, борбата против корупцијата и продлабочувањето на врските со соседите, рече Ескобар.

Една од алатките што ја користеше американската администрација во текот на изминатата година во борбата против корупцијата се санкциите – против Милорад Додик, член на Претседателството на БиХ и уште двајца функционери, потоа против Милан Радоичиќ и Звонко Веселиновиќ на Косово.

Back to top button
Close