ЕСМ од утре ги презема БЕГ и „Скопје Север“: СДСМ обвинува дека Арсовска не помогнала во проблемот со парното

АД „Електрани на Северна Македонија“ (ЕСМ) од утре го презема управувањето со БЕГ и со „Скопје Север“, што следува по прогласувањето кризна состојба со снабдувањето во топлинска енергија што предизвика проблеми со парното во главниот град.

Ден пред државната ЕСМ да го презема раководењето со двете компании, од владејачкиот СДСМ ја обвинуваат градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска дека ги игнорирала барањата за помош и потребите на скопјани.

„Додека градоначалничката од ВМРО-ДПМНЕ Данела Арсовска ги игнорираше барањата на скопјани да се реши проблемот со парното, Владата предводена од СДСМ презеде низа одговорни чекори за надминување на кризата со топлинската енергија. Согласно владината одлука, АД ЕСМ од 21 јануари да го преземе управувањето со БЕГ и ’Скопје Север‘ сè до крајот на грејната сезона, со што се решава проблемот со парното затоплување во Скопје,а скопјани добиваат дополнителни три часа греење до 1 часот по полноќ – велат од СДСМ.

Владата преку ЕСМ, тврдат од владејачката партија, ќе го стабилизира пазарот на топлинска енергија, откако во решавањето на проблемот не партиципираа Град Скопје и општините.

Од ВМРО-ДПМНЕ, пак, денеска повторно го обвинија новиот премиер Димитар Ковачевски, кој беше заменик-министер за финансии во претходната влада на Зоран Заев, дека бил меѓу оние што предизвикале пораст на цената на парното.

Пионот Ковачевски предизвика инфлација како заменик министер, а потоа ја поскапи струјата и парното. Пионот Ковачевски е директно виновен за сите негативни ефекти во економијата. Тој е заменик министер за финансии додека долгот надмина 60 отсто од БДП, додека имаме најмал број на странски директни инвестиции во регионот и додека стопанството и граѓаните се соочени со инфлација. Истиот Ковачевски и СДСМ со нивната неспособност придонесоа за раст на цената на струјата и парното од 15 отсто. Од овој месец граѓаните ќе плаќаат по најмалку 1 500 денари повеќе како резултат на неспособноста на СДСМ и Ковачевски навреме да ископаат јаглен и да обезбедат евтин гас – велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Во однос на преземањето на управувањето со БЕГ и „Скопје Север“ од страна на ЕСМ, министерот за економија Крешник Бектеши пред два дена изјави преку државната компанија ќе се покрива разликата од реалната и постојната цена за корисниците.

 

 

 

Back to top button
Close