ЕСМ поднеле кривична против ексминистри и функционери во компанијата за штета поврзана со закуп во Александрополис

Актуелното раководство на државната компанија АД „Електрани на Северна Македонија“ (ЕСМ) поднело кривична пријава до Финансиската полиција и до Министерството за внатрешни работи МВР против членови на двата претходни управни и надзорни одбори во компанијата поради неколку одлуки поврзани со закупот во новиот терминала за течен природен гас во Александрополис во Грција.

Илустративна фотографија / Фото: Принтскрин

Покрај поранешни членови на одборите во државната енергетска компанија, со кривичната пријава за истите наводи биле опфатени и поранешни високи функционери во претходната влада предводена од СДСМ.

 

Ова, како што пренесе ТВ Телма било кажано денеска на брифинг во Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, на кој покрај ресораната министерка, присустувале и генералниот директор на ЕСМ, Лазо Узунчев, на МЕПСО Бурим Љатифи и на МЕМО Зоран Ѓорѓиевски.

Образложението за кривичаната пријава што било наведено е дека државата плаќала закуп за дел од терминалот без можност тој да биде користен.

„Согласно член 353 од Кривичниот закониктие несовесно постапувале и не ги штителе интересите на компанијата и на државата и досегашната штета изнесува над пет милиони евра“,рекол генералниот директор на ЕСМ, Узунчев.

Оваа штета се однесувала на закуп за прекуграничен капацитет и закуп во терминалот за течен природен гас.

Дали кривичната пријава ќе биде прифатена, како што пренесе телевизијата, треба да се знае во следниот период.

Претходно од АД ЕСМ, како што се наведува, соопштија дека компанијата за овој закуп на капацитет на гас кој не можел да се користи месечно плаќа над 250 илјади евра.

Повикувајќи информации од свои извори, ТВ Телма објави меѓу поранешните владини функционери опфатени во пријавата бил и ексвицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи. Тој за телевизијата рекол дека не е запознаен со ваквите наводи, како и дека целата документација за потпишувањето на овој договор е во Влада и во ЕСМ и секој може да ја провери.

Терминалот за течен природен гас (ЛНГ) во грчкиот град Александрополис започна со комерицијална работа на 1 октомври 2024 година. Преку него со природен гас треба да се снабдуваат неколку земји од Југоисточна и Централна Европа, меѓу кои и Северна Македонија.

Претходно во мај 2022 година во присуство на тогашните премиери на Северна Македонија, Грција, Бугарија, на претседателот на Србија, како и на претседателот на Европскиот совет, во Александрополис се одржа свечена церемонија по повод започнување на реализацијата на изградбата на терминалот за течен природен гас (ЛНГ).

Фото: Принтскрин

На крајот на март 2021 година Северна Македонија официјално стана дел од проектот за изградба на терминалот за течен природен гас откако беа потпишани меморандуми за соработка на АД ЕСМ и АД „Национални енергетски ресурси“ со компании од Грција,

Од тогашната македонска Влада тогаш соопштија дека согласно договорот нашата земја учествува со 25 отсто во гасната централа на природен гас во Александрополис која е 800 мегавати, а проценетата инвестиција во оваа електрана е повеќе од 380 милиони евра и дека е предвидено учество и со 10 проценти од вкупната вредност од 370 милиони евра во инвестицијата во гасниот терминал.

 

Back to top button
Close