Естонија: Задржувањето бродови од руската „флота од сенка“ е преголем ризик

Естонија ќе се воздржи од задржување на бродовите од таканаречената руска „флота од сенка“ во Балтичкото Море, изјави командантот на естонската морнарица, контраадмирал Иво Варк.

Талин стравува дека запленувањето на нафтените танкери и на другите пловила против кои Западот воведе санкции може да ја поттикне Москва да ги брани со воена сила, изјави високиот воен претставник.

– Ризикот од воена ескалација е едноставно премногу висок – нагласи Варк.

Велика Британија и другите европски држави, вклучувајќи ги Франција, Белгија и Шведска, ги засилија напорите за задржување на танкерите што Москва ги користи за обезбедување на клучното финансирање за војната во Украина. Естонија, сепак, како најсеверна балтичка држава лоцирана во близина на главните руски извозни капацитети за нафта и гориво во Финскиот Залив, покажува воздржаност по минатогодишниот неуспешен обид на нејзините сили да се качат на руски брод.

Во мај минатата година Естонија соопшти дека Москва испратила борбен авион во воздушниот простор на НАТО над Балтичкото Море за време на обидот на естонските сили да запрат танкер без знаме, кој пловел кон Русија под сомнеж за прекршување на западните санкции. Борбениот авион на крајот го придружувал танкерот до руските води.

Оттогаш, Москва воспостави постојани патроли со два или три вооружени воени брода во Финскиот Залив и распореди дополнителни сили и во други делови на Балтичкото Море, долж рутите што ги користат танкерите со руска нафта, изјави Варк.

– Руското воено присуство овде, во Финскиот Залив, стана многу поочигледно – додаде тој.

Естонија би интервенирала само во случај на непосредна опасност, како што се оштетување на подводната инфраструктура или излевање на нафта, рече Варк.

Кремљ, кој санкциите ги смета за злонамерен обид за уништување на руската економија, тврди дека неговите бродови имаат право на слободен премин во Балтичкото Море и дека Русија е подготвена да одговори на секој обид за нивно запирање.

Back to top button
Close