ЕТИАС ќе стартува во последниот квартал од 2026: електронска дозвола за влез во Шенген, со препорака да се аплицира навреме

Електронската патна дозвола на Европската унија – ЕТИАС – треба да започне со примена во последниот квартал од 2026 година, а точниот датум на старт ќе биде објавен неколку месеци однапред.

Дозволата ќе важи за државјани на околу 60 земји кои патуваат без виза, а процедурата подразбира онлајн апликација за влез во државите од Шенген-зоната. Со валидна ЕТИАС-дозвола ќе може да се патува во вкупно 30 европски земји, вообичаено до 90 дена во рамки на било кој период од 180 дена.

Цената за онлајн апликацијата е 20 евра. Од плаќање ќе бидат ослободени лица постари од 70 години и малолетници. ЕТИАС ќе важи три години, односно до истекот на патната исправа – по што ќе треба да се извади нова дозвола.

Од ЕУ наведуваат дека обработката на барањето, по онлајн аплицирањето, може да трае од неколку минути до 14 дена (на пример, ако се побара дополнителна документација или информации), а во одредени случаи и до 30 дена доколку апликантот биде повикан на разговор. Поради тоа, се препорачува барањето да се поднесе значително пред планираното патување.

Важно е да се нагласи дека ЕТИАС не претставува автоматска гаранција за влез. На граничен премин, службеник може да побара пасош и други документи и да утврди дали се исполнети условите за влез во земјата.

ЕТИАС е дел од поширокиот пакет мерки за дигитализација и зајакнување на контролите на надворешните граници на ЕУ, заедно со системот ЕЕС (Entry/Exit System), кој треба да го замени печатирањето на пасошите со дигитална евиденција на влезови и излези, базирана на биометриски податоци.

Back to top button
Close