Етнички графи ни во Шведска ни во Тунгузија?

Шведска, и покрај севкупните постигнувања, не е земја која треба да се воспева и фали како некаков рај на земјата, но тоа што често изненадува е со каква леснотија политичарите во Македонија, бранејќи ги своите „визионерски“ проекти, прибегнуваат кон неретко сосема погрешни факти и споредби во однос на скандинавските земји.

Најмалку што може да се очекува од пратениците во Собранието е дека во извршувањето на својата функција ќе се раководат од принципот на одговорност за јавно искажаниот збор. Во спротивно, со импровизации, извртувања и провизорни тврдења, во јавноста мошне лесно се шири – конфузија.

Дебатата околу измените на Законот за лични карти и предложеното внесување на етнички графи е јасна потврда за тоа. Пратеникот на Беса, Фадил Зендели, во острата размена на мислења и ставови се вклучи со сопствено тврдење дека извесен број европски земји „предвидуваат етничка припадност“, а со тоа имаат и етнички графи, како, на пример, во Шведска и Швајцарија.

Швеѓаните сигурно не би можеле поинаку, освен со запрепастување и чудење, да го примат на увид фактот дека парламентарни пратеници во некои земји зборуваат за етнички графи кои фигурираат на шведските идентификациски документи. На шведските лични карти ниту имало, ниту пак сега има какви било етнички ознаки. Тоа што единствено е наведено, како и во сите други „нормални“ земји, е шведската општа национална ИД-ознака: Svensk/Sweden, без оглед дали носителот на личната карта е можеби некој Ингемар од Стокхолм, или пак некој доселеник со португалско, монголско или мароканско потекло. Поголема филозофија околу тоа нема.

Кога сме веќе кај Шведска, официјалната статистика покажува дека околу 20 отсто од населението имаат странско потекло, жители кои се родени во странство или имаат родители имигранти. Слично како што македонските политички лидери често истакнуваат дека Македонија е мултиетничка земја, во контекстот на барањето механизми за функционална демократија и институции, и Шведска, како и повеќето други западноевропски земи, би можеле да го добијат истиот атрибут – мултиетнички општества.

Во Шведска има пет официјални малцинства, со статус и права кои произлегуваат од меѓународните конвеции и стандардите на ЕУ. Тоа се Лапонците, Евреиите, Ромите, шведските Финци и Торнедалските Финци. Мултиетничкиот мозаик го надополнуваат и низа други помали и поголеми доселенички групи, со различни културни и верски традиција, како, на пример, 150.000 Ирачани, исто толку Сиријци, 120.000 Иранци, околу 110.000 Сомалијци, а околу 235.000 граѓани на Шведска се со потекло од земјите што ја сочинуваа поранешна Југославија.

Но статусот на шведскиот јазик, како заеднички јазик во образовниот процес, на пазарот на трудот, во политичкиот живот, е исклучително силен и категорично надреден во комуникацијата и јавниот дискурс во општеството. За разлика од некои министри Албанци во македонската Влада, кои не го зборуваат, или не го познаваат мнозинскиот македонски јазик, и воедно го фаворизираат сопствениот малцински албански, според примерот на лидерот на ДУИ, кому веројатно може да му се случи да проговори на македонски само доколку се најде „во тесно“, или ако случајно го фати скриена камера, во Шведска ниеден министер или пратеник од редовите на малцинствата или имигрантските групи не зборува со слушалки во Парламентот, или пак користи преведувачи во контактот со граѓани. Како воопшто може да напредува каква било успешна интеграција во општеството, без заеднички јазик како средство за меѓусебно разбирање и непречено функционирање на институциите?

Во Шведска пред неколку години избувна голем скандал откако беше откриено дека полицијата во Малме водела интерен компјутерски регистар на Роми. Тоа предизвика силни реакции во јавноста, со оценка дека водење регистар каде што заеднички фактор на регистрираните поединци е нивната етничка припадност претставува кршење како на меѓународното право, така и на шведските закони.

Суштинско прашање во ваков контекст е потребата да се разбере неприкосновеноста на човечките права, како и да се согледаат законите и конвенциите во ова подрачје низ историска перспектива. Човечките права во основа подразбираат дека државата ќе ги заштити и гарантира слободите и правата на секој поединец, при што државата воедно ќе биде воздржана и нема да интервенира во животот на обичните луѓе вон домашните законските рамки и меѓународните норми. Тоа е и елементарниот принцип кога се зборува за правна држава.

Пратеникот на Беса тешко ќе најде етнички графи на личните карти во европските држави. Во Швајцарија на идентификациските документи фигурираат неколку јазици на кои се наведува официјалниот назив на Швајцарската Конфедерација, а не нечија етничка припадност.

Има ли етнички графи можеби во Тунгузија, останува да се види. Пред извесно време како посебно позитивен пример и најмодерна лична карта во светски рамки, беше посочена онаа која се издава на Малдивите. На прочуените малдивски острови на граѓаните сега им е доволна само една единствена лична карта за „мулти-употреба“, која се користи за плаќање, како возачка дозвола, за здравствни услуги, при патувања, а опремена е и со низа други апликации. Но, без етнички графи.

Во Македонија е далеку поважно граѓаните да бидат заштитени од дискриминација, отколку да бидат изложени на законски пропишани поделби и разлики врз база на етничка припадност. Во крајна линија, Македонија не живее во некаков изолиран дел од историјата, туку и самата е дел од историјата, посебно во однос на она опкружување на кое сака да му се приклучи и кон чии норми и законска регулатива се обидува да ја насочи својата иднина. А тоа е, како што во Скопје секојдневно се повторува – пред сè, кон ЕУ.

Ивица Челиковиќ

Back to top button
Close