ЕУ апелира до косовските политичари да не се мешаат во работата на судството
Европската унија апелираше до косовските политичари да се воздржат од мешање во работата на судството. Реакција на ЕУ следеше откако вршителот на должноста премиер Албин Курти изјави дека Уставниот суд е „политичка сенка на опозицијата“ и дека работи против неговата партија – Самоопределување.
„Ставот на ЕУ во Косово е дека еден од основните принципи на владеењето на правото е независноста на судството и дека улогата на Уставниот суд е да го толкува и насочува спроведувањето на Уставот на Косово. Одговорност на сите, вклучително и политичките актери и институции, е да го почитуваат ова и да се воздржат од каква било форма на мешање во работата на судството, вклучително и преку лични напади“, изјави портпаролот на Канцеларијата на ЕУ во Косово, Никола Гаон, за koha.net.
Шефот на мисијата ЕУЛЕКС, Џовани Пјетро Барбано, исто така ги критикуваше нападите врз судот и оцени дека се недозволиви.
„Независноста на судството е еден од темелите на владеењето на правото. Независноста на судиите мора да биде почитувана од сите, во секое време. Непотребното мешање преку лични напади насочени директно кон судиите и обвинителите кои ги извршуваат своите должности е секогаш неприфатливо“, напиша Џовани Пјетро Барбано на Х.