Еу без тебе

????????????????????????????????????

Еј, пак нема датум за почеток на преговори со ЕУ. Баш фино. Ха, ха, ха… Овие од ЕУ пак го излажаа Заев. Ха, ха ха… А дека ние ако бевме власт, ќе ги фатевме во лагата. Кого излажаа?

Само Заев и СДСМ ли ги излажаа? Па, сите нас што живееме тука и 30 години мечтаеме за ЕУ нè излажаа. Еве, баш неделава се навршија точно 16 години откако Македонија доби кандидатски статус. Не можам да сфатам како некој воопшто може да се радува на третото вето на Бугарија. Кому гледаат сеир?

На некоја туѓа земја ли ѝ гледаат сеир? Уживаат дека Бугарија им ја зафркнала земјата. Ја уништува иднината на нашите деца. Тоа ли е за фаќање сеир? Тоа ли е за радување? Освен ако не им извадиле бугарски пасоши и на своите деца. Многу е неодговорно, и политички, ама и човечки, бугарското вето да ти биде тема со која ќе добиеш или ќе изгубиш власт.

Барем околу тоа нека се договорат политичките елити. Во која демократска држава одлуката за стратешки прашања ја носи само партијата на власт? И во која земја опозицијата одмага во решавањето на проблем што е стратешки интерес на државата?

И тоа одмага не затоа што има нешто паметно да каже, туку за да дојде на власт. Впрочем, ние не ја знаеме позицијата на ВМРО-ДПМНЕ ниту предлозите за решавање на овој проблем. Со себап, еден ден ќе дојде на власт. Како тогаш ќе го се справи со непријателскиот акт на земја-членка на ЕУ?

Вистинското помирување ќе се случи кога СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ ќе престанат меѓусебно да се обвинуваат за бугарското вето и кога ќе им дојде памет да се здружат да дефинираат национална стратегија како да излеземе од овој проблем. Да ни кажат на што сме. Па макар се договориле и за отстапки кон Бугарија. Па макар и ги прекинале преговорите. Конечно, макар и се откажале од членството во ЕУ. Не знам како не сфаќаат дека државата е соочена со многу моќен непријател.

Бугарија ем е поорганизирана држава од нашата, ем е членка на ЕУ. Не знам како не се свесни за димензијата на оваа блокада, што е многу пострашна од грчката. Признајте дека сте Бугари, па ќе ви дозволиме да почнете преговори со ЕУ – бара Бугарија. Грција сакаше да го смени името на документот. Бугарија сака да ја смени содржината на документот.

Со Грција преговаравме за географска одредница, Вардарска, Скопска, Горна, Централна, ваква, таква.. А со Бугарија треба да преговараме дали постојат Македонци и македонски јазик. Со Грците, освен што ставивме додавка на името, ништо не изгубивме.

Напротив, добивме членство во НАТО. А со Бугарите сè ќе изгубиме. И ако тоа не е доволно силен аларм за будење на партиите од голата борба за власт, тогаш дај да си го активираме планот Б. За нас е доцна, да си бараме чаре за децата.

Целата колумна на Горан Михајловски на СДК.мк

 

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close