ЕУ: Да се истражат наводите за тајниот имот на Ѓукановиќ во „Пандорините документи“

Делегацијата на Европската унија во Црна Гора соопшти дека очекува надлежните државни органи соодветно да ги истражат наводите од аферата „Пандорини документи“, според кои црногорскиот претседател Мило Ѓукановиќ и неговиот син Блажо склучиле тајни договори за управување со нивниот имот во странство.

„Очекуваме дека овие неодамнешни обвинувања, како и сите други обвинувања за корупција или евентуално затајување данок, ќе бидат соодветно истражени од надлежните национални органи“, изјавија од Делегацијата на ЕУ за „Вијести“.

Тие потсетија дека претстојниот годишен извештај на Европската комисија, кој ќе биде објавен наскоро, ќе содржи проценка на целокупната ситуација во областа на владеењето на правото во Црна Гора.

Претставник на Амбасадата на САД за „Вијести“ изјави дека тие не се во можност да ги коментираат случаите на конкретни лица споменати во „Пандорините документи“, но потсети дека претседателот Џо Бајден објави меморандум со кој се утврдува дека борбата против корупцијата е од клучен интерес за националната безбедност.

Меѓу Пандорините документи се најде и името на црногорскиот претседател Мило Ѓукановиќ и членови на неговото семејство. Вања Чаловиќ Марковиќ и Дејан Миловац пишуваат дека Мило и Блажо Ѓукановиќ склучиле тајни договори за управување со нивниот имот во 2012 година, криејќи се зад комплицирана мрежа на поврзани компании од Велика Британија, Швајцарија, Британските Девствени Острови, Панама и Гибралтар. Синот на претседателот на Црна Гора ја искористил оваа структура за да формира две скриени компании со фирми-ќерки во Лондон и Црна Гора.

Меѓу документите што ги проучуваа истражувачките новинари на МАНС, пронајдени се заверени копии од договорот за собирање средства што Мило и Блажо Ѓукановиќ го склучиле на 21 јуни 2012 година со CM Skye 2 (PTC) Limited, регистриран на Британските Девствени Острови.

Од договорот може да се види дека Ѓукановиќ го формирал Victoria Trust, а неговиот син – Capecastel Trust. Тие поднеле минимален основачки влог и прецизираат дека во фондовите, во кој било момент можат да бидат внесени имоти од самите основачи и од други лица. Фондовите се воспоставени за период од 80 години, а компанијата што управува со нив е овластена да купува и продава недвижен имот и компании во име на Ѓукановиќ, да отвора нови компании и жиро сметки, да дава и зема заеми и да извршува разни други задачи. Дека навистина станува збор за претседателот на Црна Гора и неговиот син покажува и заверената документација што била приложена при формирањето на фондовите – дипломатскиот пасош на Мило Ѓукановиќ и сметката за вода од неговата адреса во Подгорица, која служела како доказ за престој. Неговиот син доставил црногорска лична карта и фактура за изнајмување стан во Лондон, пишува МАНС.

Back to top button
Close