ЕУ директивите далечна цел – Македонија се дави во отпадни води
На Македонија сè поизвесно ѝ претстои да побара „транзициски период“ од Европската Унија за да се усогласи со европските стандарди за управување со отпадните води. Најголемите предизвици и понатаму се врзани со Поглавје 27 – управувањето со водите и отпадот. Според Акцискиот план за имплементација на европските директиви за отпадни води и вода за пиење, предвидената сума изнесува околу 1,2 милијарди евра, а целосното спроведување е проектирано до 2041 година.
Иако според податоците од Заводот за статистика третманот на отпадните води преку јавни комунални мрежи е зголемен за речиси 3 пати во периодот 2001–2021, напредокот е далеку од доволен.
„Фактот што голем дел од изградената канализациска мрежа не води кон современи колекторски системи е алармантен и мора да ја загрижи јавноста, институциите и општините“, се наведува во Индикаторскиот извештај за животна средина 2022.
Само во 2022 година, количината на непречистени отпадни води е зголемена за речиси 20% во споредба со претходната година. Најголем дел завршуваат во подземни води (44,3%), а најмногу пречистени води се испуштаат во реките (22,9%).
Националната стратегија за води 2012–2042 укажува дека дел од трошоците за канализацијата и отпадните води се вклучени во сметките за водоснабдување. Таму каде што мрежата е обновена или изградена, процесот на собирање и пренесување функционира ефикасно. Но, ризикот да се изгубат веќе обезбедени европски средства е голем, бидејќи дел од проектите тапкаат во место.
Особено проблематична е состојбата во Битола, трет град по големина во државата, каде што над 110 илјади жители сè уште чекаат пречистителна станица и нова канализациска мрежа. Реката Драгор продолжува да биде главен испуст за отпадните води. Иако е потпишан договор за изградба на пречистителната станица, канализационата мрежа – како втора и неопходна фаза – останува без решение. Договор со изведувач не е склучен, иако тендерот одамна е завршен.
Во меѓувреме, податоците на Евростат ја потврдуваат позицијата на Македонија: заедно со Косово и Србија останува на самото европско дно кога станува збор за управувањето со отпадните води.