ЕУ ќе ја финансира украинската воена индустрија од замрзнатите руски средства
Високата претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Каја Калас, денеска во украинскиот град Лавов, изјави дека украинската воена индустрија ќе добие една милијарда евра. Средствата се од каматата од руските средства замрзнати во Европска Унија.
– Само што деблокиравме една милијарда евра за украинската одбранбена индустрија за да може Украина подобро да се одбрани, наведе Калас за време на посетата на Украина од страна на голема група европски министри.
Западот блокираше околу 235 милијарди евра руски средства од почетокот на војната во 2022 година. ЕУ во март одлучи да ја користи каматата од тие средства за финансирање на помошта за Украина, што Москва ја опиша како „кражба“.
Францускиот министер за надворешни работи Жан-Ноел Баро денеска во Лавов наведе дека Париз ќе искористи дел од приходите од замрзнатите руски средства за одржување на своите Цезар топови испорачани во Украина.
Европа се обидува да ја засили својата поддршка за Украина, особено по враќањето на Доналд Трамп во Белата куќа во јануари, откако американскиот претседател жестоко ја критикуваше големата финансиска помош дадена на Украина од неговиот претходник, Џо Бајден.