ЕУ ќе разговара за евентуални санкции кон Белорусија, ОБСЕ бара ослободување на Проташевич
– Баренд Лејтс, портпарол на претседателот на Европски совет Шарл Мишел, синоќа најави дека на денешниот Самит на Европска Унија ќе се разговара за евентуални санкции кон Белорусија.
Според неименувани извори, ЕУ, која веќе има воведени три рунди санкции кон Белорусија, работела на четврта рунда санкции кон белоруски претставници, како одговор на спорните избори од 2020 година, кога е реизбран претседателот Александар Лукашенко, што предизвика масовни протести шиурум земјата, кои насилно беа задушени.
По вчерашното принудно слетување на авион на Рајанер во Минск, кој сообраќаше Атина – Вилнус и апсењето на опозицискиот блогер Роман Проташевич, потегот на белорускиот претседател беше осуден од ЕУ, НАТО и Велика Британија.
Обвинителството на Литванија покрена криминална истрага, која вклучува „киднапирање на авион во терористички цели“ и кршење на човековите права според голем борј меѓународни договори.
Литванија синоќа ги повика земјите-членки на ЕУ да издадат заедничка препорака авионите да го заобиколуваат воздушниот простор на Белорусија, а вчерашниот инцидент да биде означен како кршење на правилатѕа на Меѓународното цивилно летање.
– Ова е брутална навреда за цела ЕУ, изјави шефот на литванската дипломатија Габриелијус Ландсбергис.
Во меѓувреме Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ) побара ослободување на Проташевич.
– Загрижена сум од извештаите дека цивилен авион бил принуден да слета во Минск за да биде уапсен независниот новинар Роман Проташевич. Таквото однесување е многу вознемирувачко и несовесно. Ја повикувам Белорусија веднаш да го ослободи новинарот Проташевич, изјави претседавачката со ОБСЕ, шведската министерка за надворешни работи Ан Линде.
Таа ја повика Белорусија да се придржува до сите меѓународни обврски, вклучително и меѓународните стандарди за слобода на новинарите и човековите права, бидејќи е членка на ОБСЕ.
Авионот на Рајанер синоќа полета од Минск за Вилнус, но шест патници, меѓу кои Проташевич, неговата девојка и четири лица не го продолжија патувањето.
Белоруските власти вчера побара авионот на Рајанер принудно да слета во Минск со образложение дека во леталото има експлозив. Според белоруската државната новинска агенција БеЛТА, Лукашенко лично наредил авионот на Рајнер да биде придружуван од воен авион.
Проташевич е еден од основачите на опозициските вести НЕКСТА, канал што стана еден од главните извори на вести за демонстрациите во Белорусија. Тој во Белорусија е означен како екстремист.