ЕУ е загрижена за владеењето на правото во Македонија и земјите од регионот

Европската Унија (ЕУ) останува загрижена за владеењето на правото во земјите-кандидатки, иако има опиплив напредок во оваа област, изјави европската комесарка за проширување Марта Кос на 16 септември.

96396315 – rise in the sky the biggest flag of the european union in the world

„Продолжува мешањето во судските постапки, притисокот врз службените лица кои истражуваат корупција и политизацијата на медиумските регулаторни тела, што е неприфатливо“, рече Кос пред новинарите на конференцијата на Советот за општи работи на ЕУ, а по дискусијата на министрите од неколку земји-членки и земји-кандидатки за владеењето на правото во ЕУ.

Со Советот моментално претседава Данска, а нејзината министерка за европски прашања Мари Бјер изјави дека владеењето на правото во ЕУ во моментов е нејзина најважна вредност.

Бјер изјави дека за време на дискусијата, министрите разговарале за состојбата на владеењето на правото во земјите од Западен Балкан, со осврт на извештајот објавен на оваа тема од страна на Европската комисија (ЕК) во јули годинава.

На дискусијата на Советот на ЕУ присуствуваа и министрите за европски интеграции на Србија, Албанија, Црна Гора и Македонија.

Министерот за европски прашања на Македонија, Орхан Муртезани, во обраќањето рече дека извештајот за владеење на правото 2025 за Северна Македонија потврдува реален напредок, но и дека истовремено остануваат предизвици кои не смеат да се игнорираат.

Еврокомесарката Кос порача и дека членките на ЕУ се потпираат на владеењето на правото, кое вклучува независно судство, избори и медиуми, и дека земјите кои се стремат кон членство, но не можат да гарантираат одредено ниво на владеење на правото, не можат да се приклучат кон Унијата.

Таа, исто така, изјави дека земјите од Западен Балкан во моментов се „во центарот на процесот на проширување“ и дека владеењето на правото им гарантира слобода и сила во тој процес.

„Јасно е дека ако кандидатите не го почитуваат спроведувањето на владеењето на правото во своите земји, тие нема да можат да бидат членки на Унијата“, рече Кос.

 

 

Back to top button
Close