ЕУ ги предупреди САД против потенцијални нови царини

Европската унија ги предупреди САД против воведување нови царини за увоз на индустриски производи од Европа што би можеле да го прекршат договорот за царини.

 

ЕУ очекува САД целосно да се придржуваат кон договорот за царини склучен минатиот јули, со кој американските царини за увоз од ЕУ се ограничени на 15 отсто за повеќето категории производи, изјави денеска портпаролот на Европската комисија.

 

– Не добивме никакви индикации дека американската администрација има намера да отстапи од тие обврски – рече тој, но додаде дека „комисијата ќе одговори цврсто и пропорционално на какво било прекршување“, пренесе ДПА.

 

Владата на САД најави истраги за наводни прекумерни капацитети во одредени сектори што би можеле да резултираат со нови царини.

 

ЕУ ја дели загриженоста на Вашингтон, но не се гледа себеси како проблем, рече портпаролот.

 

– Европската унија ја дели загриженоста на САД во врска со структурниот прекумерен капацитет во глобалната економија. Сепак, изворите на таков прекумерен капацитет се добро идентификувани и тие не лежат во Европа – додаде тој.

 

Според него, ЕУ е пазарна економија со отворени пазари и транспарентни политики. Како таква, ЕУ не се смета себеси за придонесувач кон структурниот вишок капацитет, туку за партнер во справувањето со глобалните нарушувања.

 

ЕУ постојано го критикуваше прекумерниот капацитет на Кина што го нарушува пазарот, вклучително и во областите на чисти технологии или возила на батерии.

Back to top button
Close