ЕУ ги укинува санкциите за Косово и ја одблокира финансиска помош

Европската Унија е подготвена да ги укине санкциите наметнати на Косово во 2023 година поради тензиите на северот на земјата и ќе ја одблокира финансиската помош, потврди претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.

Казнените мерки беа воведени откако Владата на премиерот Албин Курти не одговори на повиците на ЕУ и САД за деескалација на немирите во општините со мнозинско српско население. Мерките вклучуваа суспензија на посетите на косовските официјални лица на институциите на ЕУ и запирање на голем дел од економската помош.

„Добри вести за Косово“, објави Фон дер Лајен на социјалната мрежа Икс. „Планираме 216 милиони евра (околу 227 милиони долари) финансиска помош и имаме намера да ослободиме дополнителни 205 милиони евра (околу 216 милиони долари) на почетокот на следната година“.

Одлуката за укинување на мерките доаѓа откако градоначалници од српска националност ја презедоа должноста по локалните избори одржани во октомври. Ова е значаен чекор пред новите парламентарни избори во Косово, закажани за 28 декември, кои се распишани поради неуспехот да се формира влада по претходниот изборен циклус во февруари.

ЕУ повтори дека нормализацијата на односите меѓу Косово и Србија останува клучен услов за нивниот напредок кон членство во Унијата.

Back to top button
Close