ЕУ го испраќа Борел во Москва и размислува за санкции против Русија

– Европската унија денеска донесе одлука да го испрати шефот на дипломатија Џозеп Борел во Москва на почетокот на февруари и воедно разгледува санкции доколку рускиот претседател Владимир Путин продолжи со репресивните мерки против опозицијата, пренесува агенцијата Франс прес, повикувајќи се на дипломатски извори.

– Жозеп Борел ќе ја посети Москва на почетокот на февруари со јасна порака од ЕУ и ќе извести за состојбата во Русија на следниот состанок на министрите за надворешни работи на ЕУ на 22 февруари, рече еден дипломат, пренесува Бета.

Европската унија бара итно ослободување на рускиот опозициски лидер Алексеј Навални и неговите приврзаници, уапсени за време на демонстрациите во Русија во саботата.

Еден од дипломатските извори за АФП изјави дека министрите за надворешни работи на земјите од ЕУ денеска разговарале и за санкции, но оцениле дека е „предвремено“ да се прибегне кон таа опција.

– Санкциите се можно средство, но мора да почекаме и да видиме што ќе се случи во Москва, додаде друг дипломатски извор, пренесува Бета.

Литванскиот министер за надворешни работи Габриелус Ландсбергис денеска изјави дека „ЕУ треба да испрати јасна порака дека тоа не е прифатливо“. – Имаме режим на санкции и мислам дека треба да се искористи, рече тој.

Борел во саботата ги осуди „масовните апсења“ и „употребата на прекумерна сила“ против демонстрантите во Русија кои бараат ослободување на Навални.

– Принципите на владеењето на правото мора да се применат и во Русија и очекуваме веднаш да бидат ослободени оние што протестираа мирно и немаше причина за нивно апсење, рече германскиот министер за надворешни работи Хајко Мас.

ЕУ веќе една недела бара ослободување на Навални, кој беше уапсен на 17 јануари по враќањето од Германија, каде беше згрижен поради труење со нервниот агенс „новичок“.

Во петокот, претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел го повика рускиот претседател Владимир Путин, барајќи ослободување на Навални.

Back to top button
Close