ЕУ и демократски крах на Истокот

Хрватска, доколку во неа не би се случувале мигрантски струења со иселување и вселување, до 2100-та година би се намалила на околу 2,3 милиони жители. Тоа е отприлика слично како што обично се изразуваме за Македонија, мала држава со околу два милиона население.

Ваков демократски крах се прогнозира со најновите проекции на Евростат, статистичко биро на ЕУ, базирани врз пресметки што произлегуваат од претпоставеното ниво на наталитетот, смртноста, просечно очекуваниот животен век и миграциските движења.

Но веќе сега, според податоците објавени лани, Хрватска го бележи најголемиот демографски пад во историјата. Од зачленувањето во ЕУ во 2013 година се проценува дека Хрватска ја напуштиле околу 300.000 луѓе. Само главниот град Загреб, кој има најмногу жители и привлекува најголем број лица од другите делови на земјата, од влегувањето на Хрватска во ЕУ го напуштиле околу 75.000 граѓани.

 

Експертите се согласни дека една од клучните причини за иселување од Хрватска, претежно во ЕУ, е економското заостанување зад повеќето земји-членки, но и општествено-политичките околности кои на младите луѓе не им нудат можности за вработување и развој, а со тоа ни за основање семејство и решавање на станбеното прашање. Најновите проекции на Евростат стануваат уште поинтересни кога ќе се погледнат прогнозите за земјите со повеќекратно поголемо население од Хрватска, посебно источноевропските членки на ЕУ, според примерот на Полска и Унгарија, кои во изминатите години покажаа најголема непопустливост и силен отпор против приемот на мигранти и бегалци.

 

Полска, доколку би продолжила со политиката на затворање на гранците за мигранстки струења, крајот на веков би го дочекала со речиси преполовено население – од денешните приближно 40 милиони на околу 21,7 милиони. Но доколку би била поотворена кон миграциите, тогаш во 2100-та година би можело да се очекува да има околу 27,7 милиони жители. Разликата е цели шест милиони луѓе.

Прогнозите се застражувачки и за Унгарија, која од денешните десетина милиони жители би се намалила на 6,3 милиони, без миграции, или, пак, со полиберална мигрантска политика во 2100-та година би имала повеќе од два милиона жители, околу 8,7 милиони. За Романија, која по влезот во ЕУ остана без повеќе милиони насление, се прогнозира дека од денешните приближно 20 милиони би го дочекала крајот на веков со околу 13 милиони жители. Доколку на Балканот во наредните децении секнат мигрантски движења, Грција, која моментно има преку десет милиони жители, на почетокот на наредното столетие би паднала на околу 5,7 милиони, а Бугарија од сегашните 6,8 милиони би се редуцирала на околу 4,2 милиони население.

Без поинтензивни миграции, ЕУ во целост во 2100-та година би била сведена на околу 290 милиони. Но дури и ако продолжат процесите на вселување и иселување, се прогнозира за 7 проценти помало население во ЕУ, кое во таков случај би изнесувало околу 416 милиони. Разликата е, сосема јасно, огромна. Без миграции демократските перспективи во Европа се мошне темни. Посебно на Истокот. Со најтешки последици се очекува да бидат погодени прибалтичките земји Летонија и Литванија, чие население се очекува да биде речиси преполовено до крајот на ова столетие.

Но сликата станува сосема поинаква доколку се погледне кон западниот дел на континентот. Наслението во Шведска се очекува, според проценките на Евростат, од денешните 10,5 милиони да се зголеми на 13,7 милиони во 2100-та година. Тоа е зголемување од 30 проценти и воедно највисоко во ЕУ. За таков развој решавачки се пред сè миграциите. Доколку би изостанале, тогаш Шведска би го завршила столетиево со околу 8,6 милиони жители. Позитивен демографски раст се очекува да забележат и другите развиени ЕУ-членки во Западна Европа, каде што гледиштата и стратегиите во однос на демокрафските трендови во многу нешта се разликуваат од оние што ја карактеризираат општествената реалност во Источна Европа.

А кога сме веќе кај мигрантите и бегалците, војната во Украина предизвика огромни бегалски бранови. Околу 6,3 милиони луѓе избегале поради воените судири во земјата. Најмногу во соседна Полска. Но прашање колкумина од нив ќе останат таму и ќе добијат вистински можности да го продолжат својот живот, така што ќе им биде овозможено да надоместат дел од она што го изгубиле во својата татковина.

Во Шведска, во која исто така доаѓаат голем број украински бегалци, државата веќе сега донесува одлуки со кои веднаш им се дава значење на напорите да им се помогне на несреќните луѓе кои избегале од гранати и проектили што ги разурнале нивните домови. Шведската влада, како една од првите краткорочни мерки, пренасочи околу 700 милиони евра буџетски средства, наменети за помош на сиромашните и неразвиени земји, за потребите на забрзана интергација на бегалците од Украина. Меѓу другото, за изградба на станови, вработувања и образование. Уште сега може да се претпостави дека многумина од украинските бегалци ќе го најдат својот нов дом во Скандинавија. Шведска има огромни искуства во прифаќање на бегалци од сите страни на светот. Околу 50.000 бегалци од војната во Босна, на пример, беа прифатени во Шведска.

На почетокот на овој текст за пример ја споменавме Хрватска, која ризикува да ù се намали населението на околу два милиона. Колку што би рекле и за Македонија и нејзиното население. Но Македонија не е веќе два милиона. Меѓу двата последни пописа изгуби околу 10 проценти од своето население. Ако би ја земале и Словенија за пример, економски мошне поразвиена од Македонија, според прогнозите на Евростат, во услови на намалени миграции, би паднала на 1,3 милиони до крајот на овој век.

Македонија, како и остатакот од Балканот, не ги сака многу мигрантите на своја територија, а во исто време постепено се помирува со реалноста дека младите масовно се иселуваат од земјата. Со најновите демографски прогнози на Евростат, Македонија, и целиот Западен Балкан, не се опфатени. Но трендовите се чини се мошне јасни, и, се разбира – мошне загрижувачки. За Балканот останува резервирано местото во Европа на клупата на демографски губитници.

 

Ивица Челиковиќ

 

 

 

Back to top button
Close